• среда, 27 ноември 2024

Ковачевски од Радовиш: На овие избори не одлучуваме само кој ќе ја води државата, туку одлучуваме и каде ќе оди

Ковачевски од Радовиш: На овие избори не одлучуваме само кој ќе ја води државата, туку одлучуваме и каде ќе оди

Радовиш, 2 мај 2024 (МИА) - На овие избори не одлучуваме само кој ќе ја води државата, туку одлучуваме и каде ќе оди нашата држава. Дали ќе продолжи цврсто да гази по европскиот пат или сите заедно повторно ќе станеме заложници на авторитарна држава водена од белата криминална палата, рече лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот митинг во Радовиш на Коалицијата за европска иднина.

Додаде дека  имало пропусти во нивната работа во изминатите тешки седум години. 

-Знам дека граѓаните се незадоволни од инфлацијата, од борбата против корупцијата, од самоволието на одредени политичари членови на нашата коалиција кои од партиска и етничка припадност направија своја лична професија и со тоа го рушеа угледот на Владата. Казната за тоа стигна на 24 април, казна што јас и моите другари од СДСМ и Коалицијата за европска иднина ја прифативме достоинствено и без негодување, бидејќи граѓаните имаат право да испратат силна порака и тоа го направија. Но, апелирам и повикувам секој од вас убаво да раззмисли како ќе гласа на 8 мај, истакна Ковачевски.

Според него основните цели на нивната програма се брзи, ефикасни и успешни преговори со ЕУ, бидејќи само така можело да се обезбеди многу повисок животен стандард за граѓаните, многу поефикасна борба со корупцијата и криминалот и многу подобро образование и здравство.

-Затоа ветуваме повисоки плати и пензии, многу поволности за нашите млади кои ќе имаат поддршка во своите средношколски и факултетски денови. Ветуваме и ќе оствариме поддршка од 1,35 милијарди евра за земјоделците. Радовиш е земјоделски крај, вреден крај и знам дека тука има вредни тутунари кои ќе се сетат дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ цената на еден киограм тутун беше 100 до 150 денари, а денес цената е 450 денари, четири пати поголема сума. Така се вреднува трудот на земјоделците, посочи Ковачевски.

Тој смета дека десничарска Влада на чело со ВМРО ДПМНЕ може лесно да ги наруши меѓуетничките односи во државата.

-Во предизборната кампања Мицкоски и Силјановска Давкова наместо во натпревар на идеи и проекти ја поретворија во националистички скандирања и препукувања со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Испратете им јасна порака и на Ахмети и на Мицкоски и на Силјановска Давкова, и на едните и на другите, дека ниту еден граѓанин не сака повеќе да се враќа 20 години назад, дека не сакаме повторно да се распалуваат меѓуетничките тензии, Испратете им ја оваа порака на 8 мај, зашто само така ќе им покажеме дека Македонија има прогресивни и умни луѓе, кои сакаат европска иднина,а не враќање во минатото на конфликти и војни и спасување на кариерите на Али Ахмети и Христијан Мицкоски и Силјановска Давкова, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. 

Носителот на изборната листа во четвртата изборна единица, Венко Филипче, им порача на членовите на СДСМ дека сега повеќе од било кога е потребно единство.

-Во овој момент не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција. Клучното прашање е што е на другата страна, која е алтернативата, дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив? Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат. Затоа, апелирам до секој од вас да смогнете сила, заедно да одработиме за достоинствен изборен резултат, истакна Филипче.

Коносителот на изборната листа во четвртата изборна единица, Јованка Тренчевска, истакна дека европската перспектива на државата била нивна водилка и побара од граѓаните да не ја казнуваат државата заради одредени функционери кои биле нечесни  и грешеле.

-Нашите постигнувања со 330 отсто поголема социјална помош, 53 отсто повиоска пензија, 180 отсто повисока минимална плата, 40 илјади денари просечна плата се нашите резултати и знам дека тоа можеби не е доволно, но затоа вечерва стојам тука пред вас не како политичарка, туку како жена, ваша пријателка, другарка, соседка, која работеше со интегритет и посветеност и која од вас бара масовна поддршка за број 1 на 8 мај, рече Тренчевска.

На митингот во Радовиш говореа и кандидатката за пратеничка Симона Цветановски и Енес Ибртахим, претседател на ПДТ. рт/аа/

Фото: СДСМ

Остани поврзан