• сабота, 16 ноември 2024

Ковачевски од Неготино: Со граѓаните ќе ја внесеме земјата и во ЕУ и од тоа нема да се откажеме

Ковачевски од Неготино: Со граѓаните ќе ја внесеме земјата и во ЕУ и од тоа нема да се откажеме

Неготино, 29 април 2024 (МИА) - Граѓаните ќе се сетат, кога се смени власта во градот Скопје и кога дојдоа ВМРО-ДПМНЕ исто како што дојде и во Неготино со нивните градоначалници, беше под сериозна закана да останеме без нормални услуги во општините. Го гледам овој плоштад во Неготино, целиот искршен. Што градоначалник е тоа што не може три плочки да поправи, а се фалат ќе поправале цела држава. Ова го истакна вечерва од Неготино, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на граѓански митинг. 

Свесен сум, подвлече, дека нашата инклузивност и концептот на едно општество за сите, често беше злоупотребувана од одредени политички сили и структури во земјата, за лична корист.

Ковачевски потсети дека со СДСМ Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ. 

- СДСМ заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски. Режим кој ја блокираше целата наша иднина. СДСМ е заслужен што Македонија стана рамноправна земја членка на НАТО, а ефектите ги чувствуваме денес. Ви гарантирам, СДСМ заедно со вас, со граѓаните ќе ја внесе земјата и во ЕУ и од тоа нема да се откажеме. И јас, но и сите ние во СДСМ, можеби ја плаќаме цената на тешките одлуки, но тоа не смее да не одврати од идејата за прогрес и за суштински напредок на државата. Македонија мора да биде европска земја и нема друг начин како да се направат вистински и опипливи промени дома, истакна Ковачевски.

Оние граѓани што избраа да не излегуваат на избори на 24 април, рече дека ги поттикнуваат да излезат сега и да го дадат својот глас за европската иднина.

- Подаваме рака на сите прогресивни и проевропски сили за идна соработка. Повикуваме на општа мобилизација на сите напредни граѓани на 8 мај. Мора да одиме напред, не смееме да дозволиме да се вратиме назад, во немири, внатрешни поделби и конфликти! Патот напред е јасен – иднина во Европската Унија, рамо до рамо со западните демократии. Овие избори, ве повикувам да гласаме за, за европска и сигурна и за подобра иднина на Македонија. Да не дозволиме да се вратиме назад во времето на 11-годишното владеење на Груевски и ДПМНЕ, порача Ковачевски. 

Граѓаните кои ќе излезат на гласање на 8 мај, истакна, мора да имаат предвид дека иднината на земјата е под сериозна и опасна закана. 

- Ако десничарска партија добие таква моќ, со сите државни ресурси на располагање, може да се соочиме со крај на нашата европска перспектива.Тоа ќе стави крај и на независните медиуми, додаде Ковачевски.

Јованка Тренчевска, коносител на листа на кандидати за пратеници во четвртата изборна единица,  реке дека зад нив се седум години посветено и неуморно работење за подобрување на животниот стандард на граѓаните, носење тешки одлуки,  грижа за сите и чекорење напред.

- Но, очигледно некаде грешевме. И за тие грешки, на првиот круг од претседателските избори, ни ја испративте пораката. Не опоменавте дека не сме биле доволно добри. Парите во буџетот се на граѓаните и праведно ги трошевме за граѓаните и за нивен поквалитетен живот, но не било доволно. Не опоменавте дека 330 отсто повисока социјална помош, 53 проценти повисоки пензии, 180 отсто повисока миинимална плата, 40 000 просечна плата не е доволно, нагласи таа. 

Тренчевска истакна дека разбрана е пораката на граѓаните. Не е се до повисоки права, плата и пензии и додаде дека системот е важен, неговата функционалност, здравството, образованието, судството. 

- Младите да ни останат дома. Да имаат пристојни работни места и  плати, овде, дома, подвлече таа, осврнувајќи се на нејзината работа како министер за труд и социјална политика и резултатите во оваа област во изминатите години, за нејзините заложби за еднакви можности за сите. 

Венко Филипче, коносител на листата, повика на мобилизирање, поради генерациите кои доаѓаат. Без да се потклекне, рече, пред старите режимски политики, што се закануваат на иднината. 

Лолита Ристова, кандидат за пратеник,  се осврна на резултатите во лозарството, семејните винарници, руралната жена, но и на проектите што со поддршка на државата, беа реализирани во неготинска општина, критикувајќи го работењето на актуелната локална власт во Неготино, најавувајќи нови проекти за сите. 

Љупчо Николовски, носител на листа во трета изборна единица и досегашен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство се осврна на придобивките од одлуките со кои биле решени напластени проблеми во лозарството и воопшто во земјоделскиот сектор. Тој говореше за позитивните законски измени, грантовите и субвенциите, мерките и проектите, поддршката, напредокот на малите семејни винарии, законското решение за гарантирана цена за винско грозје. Николовски вети и зголемена поддршка во иднина. 

Беа ветени посветеност и напорна работа, најавени многу нови проекти, беше побарана поддршка на изборите на осми мај. За да чекори државата, како што беше нагласено, по правиот пат, по европската траса до членство во ЕУ, што е долгогодишен стремеж. свд/мд/


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан