• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски: Мора точно да се знае што е шпекулација, а што вистината за проектот за коридорите 8 и 10д

Ковачевски: Мора точно да се знае што е шпекулација, а што вистината за  проектот за коридорите 8 и 10д

Скопје, 16 март 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно апелираше  Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да постапат околу објавите и сомнежите што се пласираат во јавноста за избраниот надзор за изградбата на делниците на коридорите 8 и 10д  бидејќи, како што порача, мора точно да се знае што е шпекулација, а што е вистината во овој голем проект.  

На новинарско прашање дали ќе побара ревизија на тендерот за надзорот за проектот што го доби конзорциумот ИРД со уште три фирми како подизведувачи, Ковачевски посочи дека сите документи се достапни,  а Владата ќе достави до Антикорупциската комисија се што е побарано за предметот што го отворија антикорупционерите за да ги испитаат сомнежите околу постапката.

-Сите документи во однос на надзорот се достапни преку Бирото за јавни набавки бидејќи се’ е водено согласно со Законот донесен за изградбата на овие автопатски делници и врз основа на работата на задолжените институции во државата, рече Ковачевски.

Првпат во нашата држава, нагалси премиерот, во период од пет години ќе бидат изградени 110 километри автопат со инвестиции од 1,3 милијарди евра, од која што  51 процент,  односно над 650 милиони евра, ќе бидат изработени од домашни компании бидејќи тоа е дел од договорот.

За четирите автопатски делници на коридорите Владата склучи договор за изведба со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој ќе биде ангажиран и за проектирање и за градба, пракса што се воведува првпат во државава.

Првичните пресметки на институциите покажуваат дека просечната цена по километар автопатот треба да изнесува 12 милиони евра, но точните износи ќе се знаат откако ќе бидат изработени основните и проектите на изведена состојба. 

Делницата Тетово - Гостивар во должина од 17,5 километри  според првичните пресметки ќе чини 125 милиони евра, Гостивар - Букојчани (30,3 километри) 560 милиони евра, Требеништа - Струга - Ќафасан (21,7 километри) 360 милиони евра, а Прилеп - Битола (39,4) 260 милиони евра. Автопатските делници ќе бидат со по три ленти и широки по 10,7 метри со зеленило. Покрај најавените 1,3 милијарди евра ќе треба да се одвојат и околу 300 милиони евра за експропријација.

Стартни активности на делниците Тетово - Гостивар и Прилеп - Битола се најавени за 22 април годинава.

Во однос на останатите градежни активности за автопати во државава Ковачевски информираше дека, завршени се над 75 проценти од активностите за Кичево – Охрид, каде тој вели се работи интензивно.

-До крајот на годината сметам дека по него веќе ќе може да се вози во најголемиот дел од делниците, бидејќи сите граѓани, сите делови на државата заслужуваат врвна инфраструктура со цел  развој на економијата, на бизнисите во сите делови и со цел унапредување на стандардот на граѓаните, ветува премиерот. 

Повтори дека Блаце – Скопје е тешка автопатска делница за изведба на која се работи според поранешниот принцип  - проектирање па изведба. - Првата фаза е веќе при крај и се тендерира и се склучува договор за втората фаза бидејќи навистина треба да се има коридор што ќе биде практично од јужниот дел на нашата држава кој ќе може да заврши на Јадранската магистрала бидејќи на тој начин ја поврзуваме државата и кон запад и кон север и кон исток со изградбата на овие клучни патни делници, наведе Ковачевски.лв/aa/

Фото: Влада на РСМ

 

Остани поврзан