• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски - Марин: Меѓусебната силна поддршка со Финска ги јакне соработката и европската иднина

Ковачевски - Марин: Меѓусебната силна поддршка со Финска ги јакне соработката и европската иднина
Скопје, 20 јуни 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска одржа тет-а-тет средба со неговата финска колешка Сана Марин, која е во работна посета на земјава. Во фокусот на средбата, како што информира владината Прес-служба, биле поддршката што Финска ја добива во процесот за пристапување во НАТО, како и силното застапување на Хелсинки за проширувањето на ЕУ со отпочнување на преговорите за Северна Македонија за членство во Унијата. Премиерот Ковачевски за време на разговорот со Марин истакна дека членството на Финска во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста во Евроатлантскиот регион, особено регионот на Високиот Север и Балтикот. - Премиерите Ковачевски и Марин споделија согласност дека од посебна важност за Европа е итниот почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, без дополнителни условувања што Финска силно го препорачува како признание за нашата земја којашто ги исполни сите критериуми за организирање на првата меѓувладина конференција за отворање на поглавјата за членство, се вели во соопштението. Двајцата премиери на средбата изразиле подготвеност да ги поддржат сите потенцијали за унапредување на економската соработка и соработката во сферите на образованието и дигитализацијата. По тет-а-тет средбата, како што соопштија од прес-службата, делегациите одржаа и билатерална средба на која од наша страна учествуваа заменик-претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и министрите за надворешни работи и за одбрана Бујар Османи и Славјанка Петровска. ки/сп/

Остани поврзан