• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски: ЕК констатира солидна усогласеност на нашето законодавство со европското 

Ковачевски: ЕК констатира солидна усогласеност на нашето законодавство со европското 

Брисел, 6 декември 2023 (МИА) - Од првата Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 кога официјално ги започнавме преговорите за членство со ЕУ, се одржуваа објаснувачки и билатерални состаноци за сите 33 поглавја поделени во шест кластери во рамки на скрининг процесот, кој завршува утре успешно и според утврдената динамика, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од Брисел, каде претпладнево го отвори билатерален скрининг за „Поглавјето 30 - Надворешните односи“ од Кластерот 6. 

- Навистина сум задоволен што вицепремиерот (Бојан) Маричиќ и неговиот тим во Секретаријатот за европски прашања успешно и во рок го поминаа целиот процес, а задоволството го дели и Европската Комисија и тоа го потврдија во нивниот извештај. Констатацијата на ЕК е дека имаме солидно ниво на усогласеност. Понатаму следат патоказите, кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка, кои пак се услов за отворање на првиот кластер, додаде Ковачевски. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, премиерот потенцира дека во изминативе 15 месеци во рамки на скринингот кој траеше речиси 100 работни денови, беа одржани 850 презентации на кои учествуваа приближно 1.000 претставници на 206 различни институции од државата. 
Според него, покрај завршувањето на скрининг процесот за земјата од огромна важност е и Планот за раст на Западниот Балкан, кој го подготви Европската комисија на барање на земјите од регионот. 

- Планот за раст е токму она што го очекувавме – елабориран, оперативен и фокусиран на неколку приоритети што го прави остварлив, а не само уште еден план со недостижни цели. Овој План, ќе даде нов, силен поттик на процесот на евроинтеграции. Со неговата реализација која зависи и од ЕУ, но пред се од нас, земјите од Западниот Балкан двојно ќе го зголемат обемот на економијата на регионот и во земјата преку зголемена економска соработка, истакна Ковачевски. 

Тој потсети дека со Планот се планирани две милијарди евра во грантови за земјите од Западниот Балкан, кои имаат можност да користат и најмалку четири милијарди евра во заеми за стратешки проекти кои што ќе го подобрат животот на граѓаните, работењето на компаниите и сообраќајната инфраструктура. 

- За да може да се операционализира сето ова, воспоставена е структура за спроведување на Планот за раст и на политичко и експертско ниво. Формирани се експертските и политичките работни групи, а првите чекори веќе и се преземени на 17 ноември, кога во организација на Министерството за финансии во Скопје се одржа министерска конференција со министри за финансии, главни преговарачи од земјите од регионот, како и високи претставници од ЕК на која се утврдија детали за понатамошното функционирање на процесот и конкретни рокови кои треба да обезбедат што поскоро пристап до средствата, додаде Ковачевски на крајот на работната посета на Брисел. сп/дма/

Фото: Скриншот

Остани поврзан