• сабота, 21 декември 2024

Ковачевски - Душек: Соработката со Светскиот економски форум е посебно значајна за економските перспективи на земјата

Ковачевски - Душек: Соработката со Светскиот економски форум е посебно значајна за економските перспективи на земјата

Скопје, 18 септември 2023 (МИА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во Њујорк остварил средба со управниот директор на Светскиот економски форум, Мирек Душек, на која е разговарано за економските перспективи на Република Северна Македонија и на регионот на Западен Балкан, во контекст на политичките и безбедносните предизвици на европскиот континент, како и за важноста од соработката на нашата држава со Форумот, во ваквата констелација.

Како што информираат од владината прес-служба, преку активната соработка со над 800 водечки светски компании, Светскиот економски форум може значајно да придонесе за привлекување на вниманието на инвеститорите кон земјите од Западниот Балкан.

Премиерот Ковачевски оценил дека соработката со Светскиот економски форум е посебно значајна за Република Северна Македонија, во услови кога државата е насочена кон забрзан евроинтеграциски процес, од којшто се очекува унапредување на квалитетот на живот на македонските граѓани и економски развој.

-На патот кон евроинтеграциската цел, што сметаме дека е достижна до 2030 година, нашата земја има потреба од иновации и поттик на конкурентноста на компаниите и вложувања и мотивација на човечкиот капитал. Драгоцени се искуствата и размената на знаења на собирите на Форумот од глобален формат, по значајни прашања како што се: бизнис солуциите за одржлив развој, особено во производството на храна, изнаоѓањето решенија околу енергетските потенцијали, на планот на климатските промени, состојбите во здравството, глобалната конкуренција, информатичката технологија, борбата за спречување на корупцијата, посочил Ковачевски.

На состанокот, како што се наведува во владиното соопштение, констатирано е дека Република Северна Македонија бележи напредок во рангирањата според економските перформанси и е оценето дека е потребно одржување на фокусот по заземената насока, за што е најавена натамошна зајакната соработка со Светскиот економски форум.фф/цр

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан