• среда, 27 ноември 2024

Ковачевски: Дигитализацијата е одлика на демократски, транспарентни општества, влијае и на намалување на корупцијата

Ковачевски: Дигитализацијата е одлика на демократски, транспарентни општества, влијае и на намалување на корупцијата

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска, од Самитот во Талин, порача дека дигитализацијата е одлика на демократски, отворени и транспарентни општества, како и дека влијае на намалување на корупцијата.

Според Ковачевски, земјава три децении, од нејзиното осамостојување, работи на дигитализацијата, процес кој, како што нагласи, е нашата најсилна алатка за забрзување на пристапот во ЕУ. Тој напомена и дека земјава е предводник во регионот во сегментот на телекомуникацијата и поврзувањето, како и лидер во воведувањето на 5Г технологијата.

-Со заеднички напори градиме отворено, одржливо, безбедно и демократско општество - Европа во која идните генерации ќе имаат еднаков пристап до интернет и технологии, а со тоа и можност за личен и економски развој, користејќи ја технологијата за добро и за напредок. Денес со право можеме да кажеме дека ги имаме сите услови за дигитална трансформација. Имаме мрежа, имаме системи и со сигурен чекор без одлагање како и досега ги спроведуваме сите процеси и пристапуваме кон европските вредности и начин на живот. Затоа сметаме дека членството во ЕУ до 2030 е остварлива и реална цел, рече премиерот.

Во обраќањето на Самитот, Ковачевски го најави и формирањето агенција за дигитализација, чија задача, рече, ќе биде да ги консолидира напорите за брза и ефикасна дигитална трансформација, а фокусирана ќе биде на четирите столба: сајбер безбедност, ИТ инфраструктура, софтверски решенија и академски дел.  

Премиерот изрази и уверување дека дигитализацијата во судниците и обвинителството, ќе помогне да се реформира судството, да се намали корупцијата и да се подобри владеењето на правото. 

-Дигитализацијата како процес е одлика на демократски, отворени и транспарентни општества. Не само што обезбедува подобра и побрза услуга за граѓаните, туку влијае и на намалување на корупцијата која игра сериозна улога во контекст на продолжување на нашиот европски пат и интеграција и посветеноста на зајакнување на владеењето на правото со што го подобруваме и општеството. За сите овие процеси верувам дека клучна ќе биде поддршката од земји како Естонија. Партнерствата во оваа насока се клучни за намалување на предизвиците, а заедничката работа е основа за постигнување на заедничките цели – обезбедување отворени, транспарентни и одговорни институции кои на граѓаните ќе им обезбедуваат поквалитетни услуги, а со тоа и заштита на демократијата. Имаме јасни примери што има дигитализацијата направено во Естонија и каква е користа за нејзините граѓани. Ова знаење и искуство го користиме и ќе продолжиме да ги користиме за понатамошните процеси. Дигитализацијата и искуствата на естонските и Балтичките земји се наши алатки кои ќе обезбедат забрзан чекор на нашиот пат на членство кон ЕУ и имплементација на електронските услуги за граѓаните, рече премиерот.  

Како пример, тој го посочи Поглавјето „Правда и основни права“.

-Убеден сум дека дигитализацијата, процесот што го почнавме во судниците и обвинителството, ќе помогне да се реформира судството, да се намали корупцијата и да се подобри владеењето на правото. Или, во Поглавјето за слобода на движење на стоки и работници ќе обезбеди можности кои сега ги ограничуваат нашите граѓани да учествуваат на единствениот пазар. Дигитализацијата е нашата најсилна алатка за забрзување на нашиот пристап во ЕУ и затоа таа е во нашиот фокус и се наоѓа високо на агендата на Владата, подвлече Ковачевски.

Тој се осврна и на сајбер нападите, укажувајќи колку е важна дигитализацијата во овој сегмент.

-Мораме заеднички да обрнеме внимание на сите нови технологии. Технологијата на блогови, вештачка интелигенција и интернет се нешта кои имаат сериозен потенцијал, но и претставуваат предизвик особено во ова време на војна кога нашата земја, особено земјите од Западен Балкан, се цел на постојани хибридни и сајбер напади. Владата активно работи на прилагодување на нашите закони за сајбер безбедност на стандардите на ЕУ и тесно соработува со нашите НАТО партнери на оперативно ниво за зајакнување на отпорноста на нашето општество и институции. Убеден сум дека овие две во комбинација побрзо ќе ја воведат дигиталната трансформација отколку безбедноста што оди рака под рака со неа. Овие предизвици се она што се основа за нашиот фокус на иднината. Предизвиците се оние кои не тераат да размислуваме побрзо и подлабоко и да наоѓаме решенија кои обезбедуваат развој и напредок. Таков јасен пример беше забрзаната дигитализација што му се случи на светот поради пандемијата. Научивме многу од тоа, а сега треба да го спроведеме тоа знаење, порача Ковачевски.  

Според него, приоритетите се поставени, вклучително и дигитализацијата, со цел да се обезбеди, пред се, одржлив развој во многу сегменти како што се здравството, образованието, индустријата и инфраструктурата.

-Тие ќе имаат позитивно влијание врз бизнисите и економијата, врз подобрувањето на социјалната и родoвата еднаквост и зајакнувањето на институциите. Во таа насока можностите што ги нуди 5Г технологијата во областа на управувањето со кризи и обезбедувањето отпорност во овој поглед се навистина плодно поле за работа. Очекувам и дека дигитализацијата ќе овозможи користење на алатки и технологии кои ќе решаваат многу прашања поврзани со заштитата на животната средина. Ова можам да го потврдам со оглед на фактот дека во екот на економската и енергетска криза Северна Македонија постигна огромен напредок во користењето на енергијата од обновливи извори што практично ја направи земјата центар за зелена енергија во регионот. Но, она во што јас лично верувам дека заслужува најголемо внимание развивањето на капацитетите на ИТ секторот и охрабрувањето на младите луѓе да ја видат и да ја најдат својата иднина во овој сегмент дома во Северна Македонија. Дури и денес имаме одлично задржување на ИТ кадри кои доаѓаат од образовните институции, бидејќи условите за нив дома со платите во тој сектор им обезбедуваат одличен квалитет на живот, а притоа обезбедуваат и придонес и развој на македонската економија, истакна премиерот.  

Од овој аспект Северна Македонија, оцени, е одлична дестинација за дигиталните номади и искуствата на оваа тема се исклучително позитивни. Потврдени од многу компании коишто ги аутсорсираат своите бизниси во Северна Македонија, но и македонски компании што работат за компании надвор од државата.  

-Можам да потврдам дека оваа Влада е силно посветена на целосна дигитализација на јавните услуги. Во моментов преку порталот eu.uslugi се дигитализирани огромен број на јавни услуги, а активно работиме и на зголемување на обемот на веќе достапни услуги со цел да постигнеме севкупна дигитализација. Ова секако го правиме на двапати, од една страна го зголемуваме капацитетот на институциите за давање на електронски услуги, а од друга ја зголемуваме дигиталната писменост на нашите граѓани. Сето ова докажува дека дигиталната ера не се случува преку ноќ.  Како што кажав на почетокот, нашата посветеност датира од 1991 година. Денес со право можеме да кажеме дека ги имаме сите услови за дигитална трансформација. Имаме мрежа, имаме системи и со сигурен чекор без одлагање како и досега ги спроведуваме сите процеси и пристапуваме кон европските вредности и начин на живот. Затоа сметаме дека членството во ЕУ до 2030 е остварлива и реална цел, потенцира премиерот Ковачевски.  

На Самитот учествуваат лидери на држави, претставници на ЕУ, телекомуникациски и tech компании и граѓански организации. Клучните теми на кои ќе се разговара на Талински дигитален самит 2023 се предизвиците и можностите во дигиталната ера, како и освежување на агендата на демократијата и технологијата, исцртувајќи го патот кон посилна отпорна, респонзивна и отворена иднина. Целта на Самитот е суштински придонес кон глобалниот дискурс околу градењето на отпорни модерни демократии.

Во рамки на учеството на Самитот, предвидено е претседателот на Владата, Ковачевски да оствари билатерална средба со премиерката на Естонија, Каја Калас. мч/ев/

Фото: Влада

Остани поврзан