Ковачевски: Во проектот „поврзување со локални патишта во општините“ досега се инвестирани 70 милиона евра
- Реконструкцијата на улицата „Леце Котески“ во Прилеп е дел од проектот „Поврзување со локални патишта во општините” за што се инвестирани 70 милиони евра, а досега се опфатени преку 140 улици во над 60 општини. За реализацијата на овој проект, Владата обезбеди близу 800 000 евра, рече премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски направија увид во реконструкцијата на улицата, на излезот од градот која е единствен патен правец кој поврзува три општини: Прилеп, Кривогаштани и Крушево.
Прилеп, 20 ноември 2023 (МИА) - Реконструкцијата на улицата „Леце Котески“ во Прилеп е дел од проектот „Поврзување со локални патишта во општините” за што се инвестирани 70 милиони евра, а досега се опфатени преку 140 улици во над 60 општини. За реализацијата на овој проект, Владата обезбеди близу 800 000 евра, рече премиерот Димитар Ковачевски кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски направија увид во реконструкцијата на улицата, на излезот од градот која е единствен патен правец кој поврзува три општини: Прилеп, Кривогаштани и Крушево.
-Започнавме со реконструкција на оваа улица, каде, на мое големо задоволство, гледаме дека работите на терен се интензивираат. Со забрзано темпо се продолжува со поставување на нов слој на асфалт на улицата, каде се изведува нова пешачка и велосипедска патека во должина од 2 километри. Со оваа динамика, очекуваме зафатот да заврши во предвидениот рок. Со рехабилитација на оваа улица го подигнуваме нивото на безбедноста за сообраќај и овозможуваме побрза комуникација со жителите од прилепскиот регион, рече премиерот Ковачевски.
Уште во 2018 година со 50 милиони евра, посочи Ковачевски, им се помогна на општините да сервисираат 50 проценти од својот долг, со цел да се ослободат од долгови и блокирани сметки и со тоа да се стимулира нивниот развој.
-Со измените во Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа ја зајакнавме децентрализацијата и овозможуваме трансфер на надлежностите од централно на локално ниво. Исто така, со измените на Законот за финансирање на единици на локална самоуправа се зголеми и финансирањето на единиците на локална самоуправа преку издвојување на поголеми износи за општините. Преку програмата ТАВ обезбедивме вкупно 94 инфраструктурни проекти низ целата држава директно насочени кон потребите на граѓаните со вкупна вредност од 49,7 милиони евра. Создадовме услови и за реализација на иновативни проекти со проектот „ЕУ за општините” во општините Велес, Радовиш, Тетово, Аеродром, Врапчиште, Охрид, Струмица и градот Скопје во вкупна вредност од 5,5 милиони евра, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, за прв пат во нашата земја се поврзуваме со модерна патна инфраструктура и на југ и на исток и на север и на запад.
-Сакам во оваа прилика да се заблагодарам на изведувачите и на надзорот кои работат на овој патен правец, на оваа улица во Прилеп, меѓутоа ова не е само улица бидејќи се работи за една многу значајна сообраќајница која што покрај тоа што ја поврзува индустриската зона во Прилеп, ги поврзува општините Кривогаштани и градот Куршево, се работи за многу фреквентен пат и навистина е предизвик за изведувачите кои што и работат на пат кој што секогаш се користи за транспорт бидејќи не постои друга делница по која може да се организира транспортот додека ги изведуваат градежните работи, но сепак како што и тие веруваат, како што е планот до крајот на ноември треба да биде поставен асфалтот на целата делница а подоцна да биде финализирано и зависно од временските услови и тротоарите на оваа значајна сообраќајница, изјави Бочварски. ем/аа/
Фото: МИА архива