• сабота, 23 ноември 2024

Ковачевски: Владините одлуки за цените се почитуваат, ќе има и други интервенции ако се процени дека е потребно

Ковачевски: Владините одлуки за цените се почитуваат, ќе има и други интервенции ако се процени дека е потребно

Скопје, 28 март 2023 (МИА) - Драго ми е што се уверивме дека нашите одлуки се почитуваат, се надевам така е во сите маркети. Пријатно се изненадив  и дека цената на брашното е намалена без државата да донесе одлука. Го поздравуваме ваквиот потег, ги охрабруваме и другите продажни места да го следат овој чекор, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски по посетата на скопски маркет во Тафталиџе, каде беше придружуван од министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.

Ковачевски во оваа прилика порача дека е време компаниите да им вратат на граѓаните, како што државата им помогна на компаниите кога им беше најпотребно.

Во однос на цените, истакна дека ќе има и други интервенции ако анализите покажат дека е неопходно.

-Нашата посета денеска не е случајна. Водиме практична и инклузивна политика, носиме одлуки што ги засегаат граѓаните, сакаме да го слушнеме нивниот глас. Тука нема да застанеме, ќе продолжиме да го штитиме стандардот на граѓаните, нема да дозволиме лично богатење во време на криза. Ова е време на солидарност, а не време на остварување профити. Време е сите компании да им вратат на граѓаните, им пруживме рака за стабилност, сега бараме тие да пружат рака, само така, со заемна помош, може да ја пребродиме кризата, изјави Ковачевски.

Тој потсети и дека наближуваат Велигден и Бајрам, а цените на јајцата, меѓудругото, се замрзнаа и за да им се излезе во пресрет на сите граѓани за претстојните празници. 

-Од октомври до денес инфлацијата се намалува на месечно ниво, што значи дека владините мери даваат резултат, оцени премиерот.

Пред изјавата, Ковачевски беше пресретнат и прашан за пензиите од повозрасна потрошувачка во маркетот, која во кусиот разговор, меѓу другото, посочи дека цените се многу високи и скапи се лековите.

-Цените се до плафон, со два денара макарони и јајца еден денар на 99 денари сега ги замрзнавте. Многу тежок дојде животот, ниту лекарства можеме да купиме, рече потрошувачката. 

Ковачевски потсети дека се замрзнати цените на дел од производите и најави дека во септември ќе има уште едно зголемување на пензиите. Само овој март, напомена, пензиите беа зголемени за 8,4 проценти.

-Точно е дека цените беа многу зголемени зашто се води војна во Европа и секаде се зголемени, рече премиерот, додавајќи дека е секогаш подготвен и отворен да разговара со граѓаните, како и да одговара на нивни прашања. 

Ковачевски во придружба на Бектеши и Трајковски, пред десетина дена посети маркет во Капиштец, за да провери дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно 10 проценти.

Владата на 21 март ја замрзна цената на јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата останаа на нивото од 15-ти овој месец и ќе важат до 30 април. Претходно Владата ја замрзна и цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави анализи до Министерството за економија и за цените на овошјето и зеленчукот. мч/вј/

Остани поврзан