• понеделник, 23 декември 2024

Ковачевски, Бесими и Хан го отвораат третиот Скопски економски и финансиски форум

Ковачевски, Бесими и Хан го отвораат третиот Скопски економски и финансиски форум

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ) почнува денеска, а темата е „Европа – ДА, Европа – СЕГА“. Форумот ќе го отворат премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими и еврокомесарот за буџет Јоханес Хан.

На СЕФФ, кој е во организација на Министерството за финансии, ќе се одржат четири панел-дискусии: „Забрзување на европската и регионалната интеграција“; „Унапредување на окружувањето за економски просперитет“; „Геополитика и политика“ и „Глобални трендови и бизнис можности“.

-Целта на конференцијата е отворање транспарентна и инклузивна дискусија на релевантни теми, во време кога пред нашите граѓани се отвораат бројни нови можности за повисок стандард, понапредни услови за живот, сигурност и перспектива преку евроинтеграцијата, информира Министерството за финансии.

На конференцијата ќе говорат претставници на европските банки – Европска инвестициска банка, Банка за развој при Советот на Европа и Европска банка за обнова и развој, на меѓународните финансиски институции – Светска банка и ММФ, УСАИД, како и претставници од владите во регионот и земјава, дипломати, претставници од бизнис-секторот, академската јавност итн.

СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии за обединување и дебата помеѓу креаторите на политиките и политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската јавност, бизнис-секторот и други експерти, со цел креирање синергија на идеи и иницијативи за економско закрепнување и инклузивен, забрзан и зелен раст. ев/лв/

Остани поврзан