• вторник, 24 декември 2024

Ковачевски: Антифашистичката определба е дел од нашиот национален идентитет

Ковачевски: Антифашистичката определба е дел од нашиот национален идентитет
Скопје, 19 април 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски со видео обраќање се осврна на провокациите што по повод отворањето на бугарскиот клуб во Битола поттикнаа говор на омраза и недоверба со намера, како што се наведува во соопштението од Владата, да ги поткопаат и стават под сомнение досегашниот напредок во дијалогот меѓу Скопје и Софија постигнат од силната определба со јасна визија и лидерство од двете страни може да се дојде до достоинствено решение на споровите за заедничка иднина во ЕУ.-Од првиот ден на мојот мандат како премиер, реков дека не отстапувам од тоа разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија да се водат достоинствено и во духот на европските вредности. Кон оваа определба се придржувавме цел овој период. Реализиравме конкректни заеднички проекти, ги подобривме односите и го намаливме говорот на омраза. За жал, со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото поттикнувајќи го повторно говорот на омраза и недовербата против кои успешно се боревме. Оттука, целосно го разбирам и чувствувам гневот на граѓаните во изминатите денови, нагласува Ковачевски во обраќањето.Нашата држава, додава тој, ја стекна својата независност по Втората светска војна во која граѓаните учествуваа во антифашистичката народно ослободителна војна.
-Антифашистичката определба на граѓаните е дел од нашиот национален идентитет со кој се гордееме во демократска Европа. Македонските граѓани се определени за членство во ЕУ, но провокации кои ги повредуваат нашите чувства како граѓани ја загрозуваат таа определба.  Република Северна Македонија е суверена држава и имаме должност да го чуваме нашето достоинство. Имаме стратешка цел за влез во ЕУ, но достоинствено со својата национална гордост и посебност, вели премиерот во обраќањето.Тој верува дека треба да се продолжи и да се работиме на зајакнување на дијалогот и унаредување на односите меѓу двата народи до конечно решавање на спорот.
-Но, за тоа да биде успешно, ниедна од страните не смее да прави чекори назад. Не смееме да дозволиме постојано враќање кон минатото и потези кои значат еднодневна политичка корист, а долгорочна штета на кревките односи кои ги градиме. Република Северна Македонија ќе ги продложи реформите во сите области со кои ќе ја подготвиме земјава за полноправно членство во Унијата. Тоа се процеси кои ги водиме за наше добро, за развој на нашата земја и подобри услови за граѓаните, вели премиерот Ковачевски во обраќањето поврзано со отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, што предизвика голем број реакции во македонската јавност. сст/дма/

Остани поврзан