• сабота, 23 ноември 2024

Коалицијата „Менуваме“ ќе достави предлог до МТСП за зголемување на додатокот за попреченост

Коалицијата „Менуваме“ ќе достави предлог до МТСП за зголемување на додатокот за попреченост
Скопје, 7 ноември 2022 (МИА) – Коалицијата „Менуваме“ ќе достави предлог во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) додатокот за попреченост - за возрасни и за деца законски да се зголеми за 35 отсто од просечната нето плата. На нивна иницијатива денеска  беа поканети во МТСП, каде што по средбата претставникот на коалицијата, Суарет Алишан, изјави дека Министетството ќе разгледа дали е можно покачувањето да се поврзе со просечната плата. -Ние имаме своја драфт-верзија и ќе ја доставиме во Министерството. Не сметаме дека има пречка за законско усогласување, правно ние сме заштитени дека овие додатоци за попреченост може да бидат поврзани со просечната плата. Сепак, ќе оставиме МТСП да го каже последниот збор дали висината од 35 отсто  е реална или не. Затоа ќе продолжиме натаму да преговараме за остварување на овие права што ги бараме подолго време. Сега е шансата овој проблем системски да биде решен, изјави Алишан. Ќе го чекаат, рече, заклучокот од МТСП дали може да има усогласување и ако не добијат позитивен одговор, коалицијата „Менуваме“ ќе иницира граѓански референдум за непосредно изјаснување на лицата со попреченост во однос на покачување на додатокот за попреченост. Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин изјави дека прво ќе го разгледаат нивниот предлог,  па ќе заклучат дали може да се прифати во рамки на законот. -Секое барање за нас е добредојдено и се што е дозволено со законот, секако, ќе биде разгледано од наша страна и ќе биде прифатено тоа што може да се прифати. Конкретно за барањето тоа да се поврзе со просечната плата, сметаме дека во моментов не можеме да одговориме соодветно. Прво ќе ја чекаме нивната иницијатива и што е драфт-верзијата, кои се конкретните барања и што може согласно закон да  се прифати или не може да се прифати, рече Хусејин по средбата. Посочи дека лицата приматели на додаток за попреченост не се изоставени во политиките на државата. Неодамна во Собрането, рече тој, беше изгласан Законот за детска заштита со кој додатокот се зголемува до 15 отсто за корисници од сите категории. -Имаме и Предлог-закон за финансиска поддршка кој предвидува помош по 3.000 денари во наредните четири месеци за луѓето од таа категорија. Предлогот е во собраниска процедура,  се чека комисиска расправа. И во иднина, со усогласување со потрошувачката кошница дополнително ќе има зголемување на примањата на лицата со посебни потреби, додаде заменик-министерот за труд и социјална политика. хс/аа/  

Остани поврзан