• сабота, 23 ноември 2024

Коалицијата „Заедно победуваме“ ја започна изборната кампања во Пустец со промоција на Панди Јани за градоначалник

Коалицијата „Заедно победуваме“ ја започна изборната кампања во Пустец со промоција на Панди Јани за градоначалник

Пустец, 18 април 2023 (МИА) - Коалицијата „Заедно победуваме“ предводена од Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета, ја започна изборната кампања во Пустец, со промоција на Панди Јани за градоначалник и членовите за 15 члениот општински совет. 

-Во Пустец го промовираме идниот градоначалник на општината, Панди Јани и со структурите на Заедничкиот штаб на Коалицијата „Заедно победуваме“, на која учествува и пратеникот Едмонд Спахо. Прекрасната, многу сакана, почитувана и вредна македонска заедница ја поддржува промената и јасно кажа дека ќе гласа за неа на 14 мај, рече пред присутните Теди Блуши, генерален секретар на Партијата на слободата. 

Тој како одлична ја оцени програма на Јани за враќање на општина Пустец во „целосна услуга на граѓаните, особено на младите, за ниски даноци и такси и за поголем развој на туризмот кои се гаранција за неоспорната победа“. 

-Со истакнат и вреден претставник, како Панди Јани, кој секојдневно ќе биде задолжен за работите за подобра иднина на своите граѓани и сонародници, Пустец ќе добие развој што го заслужува, како поддршка на нашата постојана заложба за зачувување на идентитетот, вредностите и традициите на македонското малцинство. Заедно победуваме во Пустец и низ цела Албанија. Промените доаѓаат од Пустец, порача Блуши. 

Пред своите сограѓани се обрати и Јани кој вети подобри денови за Преспа и преспанци. 

-Ветувам дека со дадениот глас за мене ќе имаме асфалтирани и чисти патишта, редовно снабдување со чиста и питка вода, промовирање и афирмација на општина Пустец, развој на туризмот, бесплатен превоз, услови младите да останат тука на родната грутка. Гласајте за мене, за градоначалник кој што ќе биде достапен, присутен, одговорен и во служба на сите жители на нашата општина, рече меѓу другото Панди Јани.  

Во трката за градоначалник противкандидат му е актуелниот градоначалник Пали Колефски, кој е кандидат на Социјалистичката партија поддржан од македонската партија, МАЕИ.вт/бт/

Остани поврзан