• понеделник, 23 декември 2024

Клуб од Чемпионшип го сака Ван Нистелрој

Клуб од Чемпионшип го сака Ван Нистелрој

Барнли, 14 ноември 2024 (МИА) - Холандскиот стручњак Руд ван Нистелрој би можел да стане нов менаџер на тимот на Барнли кој се натпреварува во Чемпионшип дивизијата, второто по квалитет натпреварување во Англија.

Британските медиуми пишуваат дека челниците на овој клуб се импресионирани од начинот на кој играше Манчестер Јунајтед додека тој ги водеше и дека не разбираат зошто не го задржале својот поранешен играч на „Олд Трафорд“, туку го доведоа Рубен Аморим. Новиот тренер на „црвените ѓаволи“ без двоумење му порача на Холанѓанецот дека не е потребен во стручниот штаб.

Барнли моментално ја зазема четвртата позиција на табелата и минатиот викенд на домашен терен го совлада Свонси со 1:0, а претходно не успеа да оствари победа во четири врзани натпревари (три нерешени и еден пораз).

Токму затоа клубот размислува дека можеби е време да му се заблагодари на сегашниот тренер Скот Паркер, а доколку тоа навистина се случи, на негово место треба да дојде Руд ван Нистелрој, според желбата на раководството на клубот.

Холанѓанецот, за потсетување, добро се снајде во ПСВ, а потоа беше привремено решение во Јунајтед по заминувањето на Ерик тен Хаг и доаѓањето на Рубен Аморим, а навивачите на „црвените ѓаволи“ го испратија од „Олд Трафорд“ со овации во последниот натпревар.

Додека сам управуваше со Манчестер, Нистелрој „запиша“ победи над Лестер во Лига купот и Премиер лигата, против ПАОК во Лигата на Европа, како и реми со Челси во првенството, будно следејќи ги случувањата на теренот, што беше карактеристично уште кога беше напаѓач на Јунајтед. дс

Фото: Архива

Остани поврзан