Климатските промени ги зголемија шумските пожари на Пиринејскиот Полуостров за 40 пати, покажува студија
- Истражувачите посочија и на други фактори што придонеле за сериозноста на пожарите, вклучително и децениското иселување од руралните во урбаните средини во Шпанија и Португалија, што резултирало со запуштени земјоделски површини и шуми, кои дополнително ги „хранат“ пожарите. Тие предложија мерки како отстранување на вегетацијата со механизација, промовирање на испаша на овци, коњи и кози, како и контролирано палење за намалување на ризикот од пожари.
Мадрид, 4 септември 2025 (МИА) - Климатските промени ја зголемија веројатноста за екстремно топли, суви и ветровити услови за 40 пати во споредба со прединдустрискиот период, според анализата на World Weather Attribution. Овие услови доведоа до една од најразорните сезони на пожари на Пиринејскиот Полуостров, при што временските услови беа околу 30 проценти поинтензивни во однос на периодот пред масовното користење на фосилни горива.
Истражувачите, кои анализираат дали и во колкава мера екстремните временски настани се поврзани со климатските промени, се фокусираа на условите што овозможиле брзо ширење на пожарите на Пиринејскиот Полуостров, особено за време на најтоплиот десетдневен период во Шпанија во август. Без климатските промени, вакви периоди на екстремна топлина, суша и ветровитост би се случувале приближно еднаш на 500 години, утврдиле истражувачите.
Валери Масон-Делмот, климатолог од Француската комисија за алтернативни енергии и атомска енергија, истакна дека оваа студија е дополнителен доказ за тоа како климатските промени предизвикани од човечки активности ја зголемуваат зачестеноста и интензитетот на екстремните топлотни бранови и комбинираните топли и суви услови што предизвикуваат пожари.
Анализата на WWA, иако нецелосна, има за цел да го утврди влијанието на климатските промени, главно предизвикани од согорувањето на фосилни горива, врз одредени екстремни временски настани. Овој пат, истражувачите се потпреле на временски набљудувања без употреба на климатски модели, но резултатите се во согласност со постојните истражувања за пожарите во регионот.
Според друга студија на WWA за овогодинешните пожари во Турција, Грција и Кипар, климатските промени ги направиле условите погодни за пожари 10 пати поверојатни. - Иако пожарите се карактеристика на медитеранската клима, климатските промени ја зголемуваат зачестеноста и сериозноста на условите погодни за интензивни пожари, што ги прави напорите за контрола на пожарите многу поизазовни, рече Масон-Делмот.
Истражувачите посочија и на други фактори што придонеле за сериозноста на пожарите, вклучително и децениското иселување од руралните во урбаните средини во Шпанија и Португалија, што резултирало со запуштени земјоделски површини и шуми, кои дополнително ги „хранат“ пожарите. Тие предложија мерки како отстранување на вегетацијата со механизација, промовирање на испаша на овци, коњи и кози, како и контролирано палење за намалување на ризикот од пожари.
Рикардо Триго, професор по геофизика, географски инженеринг и енергетика на Универзитетот во Лисабон, истакна дека масовното напуштање на руралните подрачја од 1970-тите довело до натрупување на лесно запаливи материјали до опасни нивоа, а проблемот бил влошен од несоодветното управување со шумите.
Во пожарите во Шпанија и Португалија загинаа осум лица, евакуирани се над 35.000 луѓе, а уништени се повеќе од 640.000 хектари земјиште. Пожарите сега се главно под контрола поради падот на температурите. Шпанскиот премиер Педро Санчез во понеделникот предложи план од 10 точки за подобра подготвеност за природни катастрофи, во координација со Португалија и Франција. ссм/
фото: архива