Кипар и Либан потпишаа договор за одредување на Ексклузивната економска зона
- Договор за разграничување на Ексклузивната економска зона (ЕЕЗ) потпишаа во Бејрут претседателите на Кипар и Либан, Никос Христодулидис и Џозеф Аун, а паралелно се согласиле да ја унапредат можноста за електрично поврзување меѓу двете земји преку формирање технички тимови и изработка на студија за одржливост, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 26 ноември 2025 (МИА) – Договор за разграничување на Ексклузивната економска зона (ЕЕЗ) потпишаа во Бејрут претседателите на Кипар и Либан, Никос Христодулидис и Џозеф Аун, а паралелно се согласиле да ја унапредат можноста за електрично поврзување меѓу двете земји преку формирање технички тимови и изработка на студија за одржливост, јави дописничката на МИА од Атина.
Според кипарските медиуми, со договорот за Ексклузивната економска зона се затвора прашање отворено речиси 20 години, со оглед на тоа што првиот договор бил потпишан во 2007 година, но не бил ратификуван од Либан поради внатрешни проблеми.
Кипарскиот претседател го опиша договорот како „историски, со кој се става крај на долгогодишен проблем“, нагласи дека со потпишувањето, „двете земји испраќаат силна политичка порака заснована на меѓународното право и правото на морето, добрососедските односи“ и дека продолжуваат да инвестираат „во зајакнувањето на довербата и меѓусебното почитување, како и во промовирање на билатералната и регионалната соработка и стабилност во корист на двете земји, на граѓаните и на поширокиот регион“.
Претседателот на Либан од своја страна посочи дека договорот „ќе им овозможи на двете земји да истражуваат природни ресурси во нивните соодветни поморски зони и да постои меѓусебна соработка на ова ниво“. ср/јт/
Фото: Кабинет на кипарскиот претседател