• понеделник, 23 декември 2024

Кипарската Влада бара координација со ЕУ за зголемените мигрантски бранови

Кипарската Влада бара координација со ЕУ за зголемените мигрантски бранови

Никозија, 2 април 2024 (МИА) – Зголемените мигрантски бранови на Кипар беа главната тема на вонредниот состанок на Советот за национална безбедност што утрово го свика кипарскиот претседател Никос Христодулидис, а владиниот портпарол Константинос Летибиотис истакна дека разговарале за различни мерки во координација со ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Летибиотис рече дека мнозинството мигранти на Кипар пристигнуваат по морски пат од Либан.

- Секако, знаеме дека ситуацијата во Либан, особено по војната во нашиот регион, е тешка и треба да бидеме подготвени. Во овој контекст се разговараше за различни мерки, различни дејствија што може да ги преземе Република Кипар, но и во соработка со Европската унија и европските партнери, истакна Летибиотис.

Во однос на тоа дали биле донесени конкретни одлуки, рече дека не можат јавно да ги соопштат, но она што е важно е „уште еднаш да се покаже солидарност и на ниво на ЕУ“.

- Кипар е најблиската земја-членка до Либан, а во последните денови се забележуваат овие зголемени мигрантски бранови, за кои треба во комбинација и координација со ЕУ да најдеме начин да справиме со нив, истакна портпаролот на кипарската Влада.

Посочи дека Кипар ја нема потребната инфраструктура за да се справи со зголемените бранови, индикативно спомена дека во последните 48 часа во земјата пристигнале над 350 мигранти и токму затоа беше свикан денешниот вонреден состанок.

На вонредниот состанок на Советот за национална безбедност со кој претседаваше кипарскиот претседател Никос Христодулидис присуствуваат министрите за надворешни и внатрешни работи, за правда и јавен ред, за одбрана, заменик-министерот за европски прашања, јавен обвинител и началниците на полицијата, армијата и Службата за разузнавање. ср/паг/

Фото: Прес центар на кипарската Влада

Остани поврзан