Кина: Првата трка со луѓе и роботи напролет
- Овој натпревар е дел од амбициозните напори на Кина да стане светски предводник во областа на вештачката интелигенција и роботиката.
Пекинг, 21 јануари 2025 (МИА) - Кинеските власти за во април го најавија првиот организиран светски полумаратон во Пекинг, на којшто ќе се натпреваруваат луѓе и човековидни роботи.
Роботички компании ширум светот, ќе може да земат учество на улиците на кинескиот главен град, покрај 12.000 луѓе-тркачи. Трката е долга 21 километар, а најдобрите 3 учесници ќе добијат награди. На полумаратонот ќе учествуваат компании, истражувачки институти, клубови за роботика и универзитети од целиот свет кои развиваат човековидни роботи. Клучниот услов: Роботите мора да личат на луѓе и треба да бидат опремени со механичка структура што овозможува движења како одење или трчање на две нозе. Така што - тркалата и повеќеножните уреди, на пр., се исклучени. Исто така, роботите ќе треба да бидат високи меѓу 0,5 и 2 метри. Учеството е дозволено и за далечински управувани, и за самоуправувачки роботи, а дозволена е и замена на батеријата за време на трката.
Неофицијални трки со роботи во Пекинг имало и претходно. Претстојниот натпревар е достапен за поединци и компании од целиот свет.
Овој натпревар, според некои познавачи, е дел од амбициозните напори на Кина да стане светски предводник во областа на вештачката интелигенција и роботиката.
Кина ги гледа човековидните роботи како стратешка област за економски раст и технолошка независност. Покрај тоа, роботите се јавуваат и како решение за стареењето на населението во Кина и намалената работна сила. Лани, на пр., роботи беа користени во производствен погон на автопроизводителот „БИД“.
Исто така, Кина сѐ повеќе се потпира на роботи и заради поддршка на постарите лица, во смисла - грижа, емоционална поддршка, следење на здравјето и помош во домаќинството. Кинеската роботичка индустрија до 2030 година би можела да достигне вредност од над 52 милијарди евра. си/
Фото: Фејсбук