• вторник, 24 декември 2024

Кина најави построга контрола на извозот на материјалите за чипови

Кина најави построга контрола на извозот на материјалите за чипови

Пекинг, 4 јули 2023 (МИА) - Кина ќе воведе дозволи за извоз за група метални производи што се користат во производството на полупроводници, објави Министерството за трговија.

Тоа се очекува да ги засили тензиите во трговските односи со Вашингтон во технолошкиот сектор, според познавачи. Мерките за контрола на извозот ќе стапат во сила на 1 август и ќе опфатат 14 производи од галиум и германиум, објави Пекинг, оправдувајќи го потегот со заштитата на националната безбедност и интереси.

Германиумот сè уште се користи во инфрацрвената технологија, оптичките кабли и сончевите ќелии. Списокот производи и материјали вклучува и диоди, транзистори и интегрирани кола. Производителите ќе треба да добијат дозвола за извоз, а според Министерството, прекршувањето на одредбите предвидува казна.

Потегот на Пекинг следи по низата мерки на САД за ограничување на извозот на софистицирани чипови во Кина, наведувајќи ги националната безбедност и можната двојна употреба, што ја засега и војската, како причини.

Паралелно со Холандија и Јапонија, САД ги здружија силите за да го ограничат извозот на машини за производство на нови чипови во Кина.

Во таа смисла, и холандската Влада објави правила што им налагаат на производителите на софистицирани машини за чипови да добијат лиценци за извоз, без конкретно да се спомне Кина. Министерот за трговија на Холандија, Лиесје Шеринмахер притоа истакна дека опремата би можела да се користи за воени цели.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан