• среда, 27 ноември 2024

Кина и Белорусија одржуваат заеднички воени вежби во близина на полската граница

Кина и Белорусија одржуваат заеднички воени вежби во близина на полската граница

Минск, 9 јули 2024 (МИА) - Кина и Белорусија започнаа заеднички воени вежби, објавија министерствата за одбрана во Пекинг и Минск. Маневрите се одржуваат на само неколку километри од границата на Полска членка на НАТО и во пресрет на состанокот на високо ниво на алијансата, објавија британските медиуми.

-Настаните во светот се алармантни, ситуацијата е комплицирана, затоа треба да вежбаме нови форми и методи на извршување на тактички задачи, изјави генерал-мајор Вадим Денисенко, командант на белоруските сили за специјални операции, цитиран од Министерството за одбрана на Белорусија.

Маневрите со кодно име „Напад на соколот“ ќе продолжат до 19 јули и се одржуваат на полигонот во близина на градот Брест, кој се наоѓа на границата со Полска.

Во рамките на „антитерористичките вежби“, кинеската и белоруската војска ќе извршуваат задачи за ноќно слетување, преминување на водени бариери и спроведување операции во населени места, соопшти белоруското Министерство за одбрана.

-Заедничката вежба има за цел да ги подобри координативните способности на војниците-учеснички и да ја продлабочи практичната соработка меѓу двете војски, соопшти кинеското Министерство за одбрана.

Во неповрзана објава на Телеграм, белоруското Министерство за одбрана рече дека големината на силите на НАТО на границата со Белорусија брзо се зголемува, што доведува до зголемени тензии во регионот.

-Нашата земја ги презема сите можни мерки за да спречи ескалација. Меѓутоа, ако некој ги премине нашите граници, реакцијата ќе биде одлучувачка, се вели во објавата. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан