• сабота, 16 ноември 2024

Киев побара Вашингтон да ги продолжи санкциите против „Северен поток 2“

Киев побара Вашингтон да ги продолжи санкциите против „Северен поток 2“
Киев, 22 јули 2021 (МИА) - Претседателот на Врховната рада на Украина Дмитриј Размуков побара од Конгресот на САД да ги продолжи санкциите против „Северен поток 2“, со што не се дозволува завршување на изградбата на гасоводот.

„Апелирам до Конгресот на САД да продолжи со политиката на санкции што ќе спречат завршување на изградбата и пуштање во употреба на гасоводот ’Северен поток 2’. Доколку е потребно, може да се разгледа можноста за воведување дополнителни засилени санкции против правни и физички лица вклучени во неговата изградба“, се вели во писмото на Размуков до претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси. 

„Го повикувам Конгресот на САД да се воздржи од одобрување на какви било договори што би ја загрозиле енергетската безбедност на Европа и би претставувале закана за националните интереси на Украина и САД“, додава Размуков.

САД и Германија постигнаа договор насочен кон обезбедување гаранции на Украина за зачувување на транзитот на гас по стартот на „Северен поток 2“.

Според постигнатиот договор, Германија е посветена на преземање активности на национално ниво, како и настојување да се користат ефективни мерки на европско ниво, вклучително и санкции, за ограничување на извозот на Русија во енергетскиот сектор, доколку Русија се обиде да ги користи енергетските ресурси како оружје или извршат понатамошни агресивни активности против Украина

Според Размуков, сепак, Русија го користи „Северен поток 2“ како „алатка за хибридна војна“.

- Овој проект претставува директна закана за енергетската безбедност не само на Украина, туку и на цела Европа.Северен поток 2“ е првенствено геополитички проект насочен кон создавање енергетска зависност на европските земји од рускиот монопол на гас. Тој значително ги стеснува можностите за диверзификација на снабдувањето со енергија за европските потрошувачи, рече претседателот на украинскиот Парламент.

Претседателот на САД, Џо Бајден вчера истакна дека проектот за гасоводот „Северен поток 2“ е „99 отсто готов“ и повеќе не е можно да се прекине неговата имплементација.

Американската администрација не воведе нови санкции за гасоводот, бидејќи тој е практично комплетен и мерките би биле неефикасни.

Русија повеќе пати нагласи дека „Северен поток 2“ е деловен проект што се спроведува заеднички со европските партнери. паг/

Остани поврзан