Киев категорично ги отфрли обвинувањата од Москва дека Украина ги поддржува бунтовниците во Сирија
- Во соопштението лиферувано на платформата Телеграм, украинското МНР соопшти дека Украина, за разлика од Русија, безусловно се придржува до меѓународното право и додаде дека Москва и Техеран се одговорни за влошувањето на безбедносната ситуација во Сирија.
Москва, 4 декември 2024 (МИА) - Украинското Министерство за надворешни работи категорично ги отфрли руските обвинувања дека Киев ги поддржува исламистичките бунтовници во Сирија, јавија британските медиуми.
Во соопштението лиферувано на платформата Телеграм, украинското МНР соопшти дека Украина, за разлика од Русија, безусловно се придржува до меѓународното право и додаде дека Москва и Техеран се одговорни за влошувањето на безбедносната ситуација во Сирија.
Претходно денеска Москва ја обвини Украина за неодамнешната ескалација во граѓанската војна во Сирија, наведувајќи дека Киев логистички го поддржува напредувањето на бунтовниците.
„Го нагласуваме присуството на јасна украинска трага во редовите на странските борци, вклучително и од постсоветскиот простор“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, наведувајќи и извештаи дека безбедносните служби на Киев соработувале со „терористите“ снабдувајќи ги со дронови и споделувајќи експертиза во нивната употреба.
Украинскиот сајт „Киев пост“ пред три дена објави дека украинското воено разузнавање било вклучено во обуката на исламистичките бунтовници во Сирија.
Во последните денови сириските џихадисти презедоа контрола врз големи делови од Сирија, вклучувајќи го и Алепо, вториот по големина град во земјата.
Захарова потврди дека Москва продолжува да го поддржува сирискиот претседател Башар ал Асад, кого Русија го задржа на власт во 2015 година преку сопствена интервенција.
Руските воздухопловни сили соопштија дека повторно вршат интензивни напади врз цели во Сирија, вклучувајќи го и Алепо.сд/