Кефалојани: Санторини е безбедна дестинација
- Санторини веројатно е најголемиот бренд на Грција, сам по себе, островот е огромен бренд и обврска на сите нас, на државата, на локалната самоуправа е да ја гарантираме сликата на Санторини и главно да ја испратиме пораката дека Санторини е безбедна дестинација, истакна министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани во интервјуто за грчката државна телевизија „ЕРТ“, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 7 март 2025 (МИА) – Санторини веројатно е најголемиот бренд на Грција, сам по себе, островот е огромен бренд и обврска на сите нас, на државата, на локалната самоуправа е да ја гарантираме сликата на Санторини и главно да ја испратиме пораката дека Санторини е безбедна дестинација, истакна министерката за туризам на Грција Олга Кефалојани во интервјуто за грчката државна телевизија „ЕРТ“, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако минатиот месец на островот беше регистрирана зголемена сеизмичка активност, министерката истакна дека сега се водат по научните податоци, но и дека безбедноста на жителите и посетителите е најважен приоритет.
- Со податоците што ги имаме во моментов, Санторини може да се отвори како дестинација, со некои специфични параметри, бидејќи постојат некои делови, кои не само сега, туку и лани, од научниците беа карактеризирани како точки со опасност од лизгање на земјиштето. На овие места ќе биде забранета посета, но тоа се многу малку делови, истакна Кефалојани.
Паралелно објасни дека во овој момент, старото пристаниште на островот, каде што пристигнуваат крузери не е отворено, во следните два месеци се вршат проверки и работи кои ќе траат до крајот на мај или почетокот на јуни, меѓутоа посочи дека постојат алтернативни опции за крузерите да се закотват на островот.
- Намерата е Санторини како дестинација да функционира регуларно за време на туристичката сезона со сите безбедносни стандарди, рече министерката.
За претстојната туристичка сезона, Кефалојани истакна дека по две рекордни години, пораките се дека 2025 ќе биде исклучително добра година.
Минатата година беше рекордна за туризмот во Грција, со речиси 36 милиони туристи, а приходите за земјата беа 21,7 милијарди евра. ср/