• сабота, 27 јули 2024

Квинта: Забраната за посета на Порфирие на Косово е спротивно на планот на Ахтисари и обврските од дијалогот

Квинта: Забраната за посета на Порфирие на Косово е спротивно на планот на Ахтисари и обврските од дијалогот

Приштина, 14 мај 2024 (МИА) – Амбасадорите на таканаречената „Група Квинта“, односно петте највлијателни западни држави кои имаат дипломатски претставништва во Косово – САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција, заедно со Мисијата на Европската унија во Приштина, изразија загриженост поради вчерашната одлука на Владата на Косово да не му дозволи на српскиот патријарх Порфирие и други свештеници да го посетат Косово за да учествуваат на почетокот на годишното собрание на Синодот на Пеќката патријаршија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Одлуката на Владата, се вели во соопштението потпишано од амбасадите на петте земји и Канцеларијата на ЕУ, „е спротивна на одредбите од Планот на Ахтисари, кои јасно ги опишуваат правата, привилегиите, имунитетите на свештенството на Српската православна црква и не е во согласност со обврските на Косово добиени во дијалогот олеснет од ЕУ“.

Во реакцијата се нагласува дека од Владата на Косово се очекува да ги исполни највисоките стандарди за човекови права и во својата законска рамка и со своето дејствување. Страните, исто така, беа повикани да се воздржат од дејствија и реторика кои можат да поттикнат тензии.

„Владата треба да дејствува во интерес на сите свои граѓани и да ги задржи основните вредности и одговорности кон регионалната стабилност. Продолжуваме да ги повикуваме двете страни да се воздржат од какви било дејствија или реторика кои би можеле да ги зголемат тензиите и да доведат до инциденти“, порачаа Квинта и ЕУ.

Министерството за надворешни работи на Косово, во понеделникот, преку објава на Фејсбук, соопшти дека сé додека Србија продолжува да го прекршува Бриселскиот договор, посетите нема да бидат дозволени.

„Сé додека Србија продолжува да го крши бриселскиот договор, не дозволува посети на нашите државни функционери на Србија и дотолку повеќе додека не престане со кампањи против Република Косово на меѓународната сцена, како во процесите на интеграција, така и во процесот на признавање, додека користи говор на омраза и закани кон Република Косово и нејзините претставници, нема да бидат дозволени посети ниту од наша страна“, се вели во соопштението на косовското МНР.иа/сд/

Остани поврзан