• вторник, 24 декември 2024

Кањонинг во Мариово - неповторлива адреналинска авантура

Кањонинг во Мариово - неповторлива адреналинска авантура
Скопје, 31 јули 2021 (МИА) - Петок. Пет часот наутро. Кафе за расонување и уште една проверка на ранецот пред поаѓање. Село Зович. Кањонинг. Ептен интересно звучи, а и одлично изгледа на фотографиите. Првото поради недопрената природа и филмовите на Милчо Манчевски, а второто - хммм, „пешачење“ низ речна клисура. Примамливо. Ок. По околу два и пол часа возење, некоја крава и желка на патот, ете ја Црна. Преубава. Надојдена. Околу неа зеленило. Небото сино, со бели облачиња. Почнуваат кривините. Се отвораат пејсажите, оние мариовските, како од документарците на Би-Би-Си. И поубави. Стигнавме. Не пречека Петар Нолев, спасувач на планина и непристапен терен, планинарски водич, инструктор и „главен“ во Mountain Solution – Tours Macedonia. Со него екипа, уште двајца водичи, пријатели од Битола, неколку планинарки и домашни туристи кои сакаат вишок адреналин. -Дечки, тука се „оделата“, шлемовите, појасите. Да најдеме само соодветни бројчиња за секого и спремајте се, рече Нолев и почна да не „мери“. Се „стокмивме“ за кратко па добивме наредба да се полеваме со вода. Од црево. Ама буквално. - Многу е топло, мора да бидеме свежи зашто не чека 15 минути одење до реката Градешка, а „пука“ сонце, објасни Петар. Потоа, не провери сите, еден по еден. Ако требаше кај некој, ги достегна каишите и тргнавме. По пат, кога го прашавме што всушност не чека, се насмеа и ни одговори: „Штом можеа Холанѓаните, можете и вие“. Мислеше на првата група холандски туристи кои сезонава пристигнаа на Охридскиот аеродром. Тие веќе знаеле што е кањонинг и си закажале една тура. Стигнавме до Градешка, лесно се симнавме до „стартниот“ вир, го прецапавме и веќе тука се соочивме со првото изненадување. Висока карпа што моравме да ја искачиме, а потоа и од неа да „рипнеме“ во реката. -Нема назад. Секој мора да скокне. Не се секирајте, не е страшно, не бодреа Петар и другите двајца водичи кои постојано беа со нас - едниот напред, другиот во средина, третиот на крајот на групата. Вешто ги врзуваа јажињата, ни помагаа, ни покажуваа како треба. Петар дури и ја вклучуваше камерата фиксирана на неговиот шлем, за да го овековечи моментот. По првиот скок од карпата, од пет метри височина, останатите се чинеа полесни. Да, на моменти имаше колебање кај речиси секој од нас - „да рипнам, да не рипнам“, „можам, не можам“, „да не се удрам од каменов ако летнам подесно“, зашто навистина беше „страшно“. Но, и тоа го надминавме. Продолживме да се „пентариме“, да се протнување низ тесни процепи, да се спуштаме, па да цапаме и да пропаѓаме во реката, да пливаме за одново да се качуваме по карпите и повторно да скокаме. Повеќето со обични патики. Но, ништо не ни сметаше. Напротив. Сакавме уште. Така околу четири часа. Смеење, зезање, викање, сликање, разговарање. На крај, кога излеговме од Градешка, требаше да направиме уште една „егзибиција“. Моравме да совладаме уште еден карпест дел, овојпат „на суво“, за да дојдеме до патот кој води назад во селото. DCIM129_VIRBVIRB0224. Полека, еден по еден, држејќи се за јажињата, со презакачување на карабињерите, и тоа го направивме. Турата помина беспрекорно, благодарение на Нолев и останатите двајца водичи од Mountain Solution. Не не испуштаа од око, ни подаваа раце, не бодреа и охрабруваа. Вистински професионалци.  -Сега видовте што значи кањонинг. Почувствувавте. Тоа е пешачење низ речна клисура (кањон) и совладување на сите попатни природни препреки – водопади, каскади, природни базени (вирови). Притоа, може да се користат различни вештини на движење и техники на качување и спуштање. Се нуди во оранизирани групи, со водич, по сите меѓународни стандарди и прописи за безбедност и сигурност. Сезоната трае од мај до октомври. Погоден е за поединци, парови, поголеми групи и семејства. Дозволен е и за деца со навршени 12 – 13 години, но строго ако знаат да пливаат и во присуство на родител, рече Петар кога конечно седнавме да одмориме. Разговорот го продолживме во етно куќата „Кај мостот“ каде што најчесто и се заокружува кањонинг-турата. Таму не чекаше богата софра – свежа македонска салата, печени пиперчиња со лукче, овчо сирење, тавче-гравче, печено месо со компири, ајвар, пинџур, ракија и што уште не. Како што потенцира Нолев, домашните туристи не мора да одат до Албанија или Црна Гора ако сакаат вишок адреналин. Тоа се нуди и кај нас. Конкретно, кањонингот, за разлика од другите спортови како рафтинг или кајак, не бара кану или гумен чамец. Туку само желба. Но, мора да знаете и да пливате. - Кањонингот по дефиниција е рекреација на отворено, водена активност за која не е потребно искуство. Единствено што мора е да знаете да пливате и да имате афинитет кон адреналинска авантура. Ние обезбедуваме се останато: неопренски водоотпорни одела, појаси за тело, заштитни шлемови, јажиња, карабинери и друга техничка опрема. Видовте и сами, нудиме неповторливо искуство. Турите се различни, зависно од желбата на гостите, а така се движат и цените. Засега, генерално работиме со холандски и наши туристи, но отворени сме за секого, рече Петар и додаде дека за понудите на Mountain Solution повеќе информации може да се прочитаат на нивната интернет и фејсбук страница, а достапни се и видеа на јутјуб. Трасата долга околу половина километар што треба да се помине низ кањонот, воопшто не била лесна за подготовка. Имало многу критични ситуации кога Нолев и неговиот тим ги поставувале клиновите и металните држачи. Многу често ги изненадувала длабочината на вировите, а и нивото на реката е променливо зависно од врнежите. -Подготовката е и релативно скап процес. За да приспособите 100 метра од патеката потребни се околу 10.000 евра. Да не зборувам за опасностите кои демнат и кои мора претходно да ги предвидите и да ги испитате, за да биде безбедна турата. Сигурноста на туристите за нас е приоритет број еден, напомнена Петар. DCIM130_VIRBVIRB0259. Според него, околу 80 отсто од земјава е планинска, па шансите за авантуристички туризам, каков што тој работи, се огромни. -Имаме производи, но делумно развиени. Имаме и потенцијал. Арно ама, многу е тешко да се дојде до краен производ. На пример, за кањонинг на Градешка река Општина Новаци го асфалтираше патот кој претходно не беше достапен. Значи, имаме реки, и тука има уште една, но пристапот до неа и од неа е практично невозможен, фали инфраструктура, нагласи Нолев. Тој во оваа прилика упати благодарност до Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (И.М.Е.) преку која е обезбедена опремата за кањонинг со цел што поголема безбедност и сигурност на турите. Мирјана Чакарова

Остани поврзан