• вторник, 24 декември 2024

Кај Амазон пронајден нов вид џиновски анаконди - најголеми досега

Кај Амазон пронајден нов вид џиновски анаконди - најголеми досега

Лос Анџелес, 23 февруари 2024 (МИА) - Џиновскa анаконда - вид за којшто се смета дека е најголем во светот, е фатена кај реката Амазон во Еквадор од страна на тим научници од Универзитетот во Квинсленд во Австралија, објави „Индепендент“ (Independent).

Групата истражувачи, предводена од професорот Брајан Фрај, го откри видот стар речиси 10 милиони години со помош на домородниот народ Хуаорани за време на снимањето на „Од едниот до другиот пол со Вил Смит“, серија на „Нејшнал џиографик“ (National Geographic) што се емитува на „Дизни плус“.

- Големината на овие прекрасни суштества е неверојатна... Женската анаконда што ја сретнавме беше долга неверојатни 6,3 метри (20,8 стапки) , изјави Фрај за „Ју-ес-еј тудеј“ (USA Today).

Поканата до научниците од врховниот управител на Хуаорани, Пенти Баихуа, да влезат во територијата Баихуаери Хуаорани во еквадорскиот дел на Амазонија е „една од само неколкуте дозволи од првиот контакт со племето во 1958 година“, додаде Фрај.

- Нашиот тим доби ретка покана - да ја истражи областа и да собере примероци од тој вид анаконди, рече тој.

Има анегдоти и прераскажувања од мештаните и за други анаконди во областа долги повеќе од 7,5 метри и тешки околу 500 килограми... Наводно, синот на началникот Баихуа, Марсело има лузни од змија со таа големина.

- Лузните очигледно беа од навистина огромна змија. Тие велат дека таа не била ни најголемата што некогаш ја виделе. Значи, јасно е дека змиите во земјата Хуаорани се навистина најголеми од сите анаконди, заклучи Фрај.

Професорот смета дека ова откритие е еден врв во неговата кариера.  си/

Фото: Јутјуб

Остани поврзан