• сабота, 23 ноември 2024

Кајари: Безбедносните сили на Косово треба да добијат дозвола од КФОР за да заминат во српските средини

Кајари: Безбедносните сили на Косово треба да добијат дозвола од КФОР за да заминат во српските средини

Приштина, 31 октомври 2021 (МИА) – Новиот командант на меѓународната воена мисија во Косово – КФОР, генерал-мајорот Ференц Кајари вели дека стационирањето на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во северниот дел од земјата, односно во средините со мнозинско српско население, не може да се изведе без негова дозвола, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за порталот на српски јазик „Косово онлајн“, Кајари изјави дека задачата, која ја презеде на 15 октомври, е мошне комплексна и дека од самиот почеток се соочува со разни предизвици.

- Актуелната ситуација генерално земено е стабилна и КФОР продолжува секојдневно да го спроведува својот мандат, кој произлегува од Резолуцијата 1244 на Советот за бебедност на Обединетите нации, со цел да придонесе за безбедна средина и слободно движење во Косово, за добробитта на сите заедници кои живеат тука, изјави Кајари.

Унгарскиот генерал појасни дека, според претходен договор, „ФСК треба да се овласти од командантот на КФОР за секакво дислоцирање во северно Косово“, но дека косовската полиција може да се движи слободно на територијата на целата држава.

- НАТО очекува домашните институции да го почитуваат договореното. Во првите недели се сретнав со челниците на институциите на Косово, кои ме уверуваат дека пред секакво дејствие ќе се изврши потребната координација и сместувањето на ФСК на косовскиот север ќе продолжи да се заснова на претходно информирање и дозвола од командантот на КФОР, изјави Кајари. иа/паг/

Остани поврзан