• вторник, 24 декември 2024

Кацарска-Вал: Поддршка од Мисијата на ОБСЕ во земјава за функционалното унапредување на Уставниот суд

Кацарска-Вал:  Поддршка од Мисијата на ОБСЕ во земјава за функционалното унапредување на Уставниот суд

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска одржа работна средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вaл, на која разговарале за состојбата во Уставниот суд од аспект на недостатокот на уште двајца судии, ресурсите со кои работи и располага Судот и важноста за остварување негова финансиска самостојност.

Како што соопштија денеска од Уставниот суд, на средбата стана збор и за надлежностите на Уставниот суд при одлучувањето за човековите слободи и права при што претседателката Кацарска ги презентираше сите активности кои ги презеде изминатиот период за подигнување на свеста за воведување на уставната жалба и нејзиното значење за граѓаните, како и барањето на поддршка за воведување на овој инструмент.

Амбасадорот Вал, се наведува, изрази поддршка за функционалното унапредување на Уставниот суд, нагласувајќи ја неговата улога во почитување на принципите на владеење на правото и заштита на човековите права и слободи. Тој, исто така, ја истакна важноста од воведувањето на уставната жалба.

-ОБСЕ мисијата во Скопје е важен партнер и поддржувач на работењето на Уставниот суд и во изминатиот период соработката се ефектуираше преку организирање на обуки од областа на човековите права, за советниците кои работат на предмети во Уставниот суд, наведуваат од Судот. 

На средбата, која се одржала вчера во просториите на Судот, била нагласена заедничката желба за продолжување на соработката  во следниот период, која ќе се реализира преку редовна комуникација на службите, со цел имплементирање на проекти кои се од суштинско значење и за работењето на Уставниот суд и за вредностите кои ги застапува и промовира мисијата на ОБСЕ, стои во соопштението. вг/са/

Фото: Уставен суд

 

Остани поврзан