• понеделник, 23 декември 2024

Катрин Денев официјално го отвори 76. Кански филмски фестивал

Катрин Денев официјално го отвори 76. Кански филмски фестивал

Кан, 16 мај 2023 (МИА) - Актерката Катрин Данев вечерва официјално го прогласи за отворен 76. Кански филмски фестивал на свеченост што ја водеше нејзината ќерка, глумицата Кјара Мастројани.

„Го прогласувам 76-от Кански фестивал за отворен“, рече Данев, легендата на француската кинематографија, зборувајќи покрај американскиот актер Мајкл Даглас, кој ја изговори истата реченица на англиски неколку минути откако му беше врачена почесната Златна палма.

Денев годинава е заштитно лице на фестивалот, а нејзин огромен портрет е на влезот од палатата. Црно-белата фотографија е од 1968 година од продукцијата на „La chamade“ во режија на Ален Кавалие.

Во своето обраќање Денев рече дека „многу мисли на Украина“ и изрецитира песна од украинската поетеса Лесја Украинка.

Минатата година, на изненадување на сите, украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше за време на свеченото отворање на Фестивалот, неколку недели по почетокот на руската инвазија на неговата земја.

По отворањето ќе биде прикажан филмот „Жан ди Бери“ на француската режисерка Мајвен, со Џони Деп во главната улога, каде што тој го игра Луј XV.

Натпреварувачкиот дел почнува утре со два играни филма „Монструм“ на Јапонецот Хироказу Коре-Еда и „Враќање“ (Le Retour) на Французинката Катрин Корсини.

За Златната палма се натпреваруваат вкупно 21 филм, а меѓу режисерите во конкуренција се и седум жени, што е рекорд за овој филмски фестивал. Со деветчленото жири на фестивалот претседава Рубен Остлунд, кој минатата година ја доби втората Златна палма за филмот „Триаголник на тагата“. ссм/

фото: Јутјуб принтскрин

Остани поврзан