• сабота, 23 ноември 2024

„Катимерини“: Атина во состојба на зголемена готовност поради ситуацијата на Блискиот Исток

„Катимерини“: Атина во состојба на зголемена готовност поради ситуацијата на Блискиот Исток

Атина, 7 август 2024 (МИА) – Во состојба на зголемена готовност се наоѓа Атина со цел да реагира во случај на разгорување што би влијаело врз Либан. Атина и Никозија се во координација за евентуална евакуација, пред сè, граѓаните на Грција или на Република Кипар и доколку е потребно и на трети земји, главно од ЕУ, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во случај да биде побарана помош од Грција за евакуации, првото решение, според „Катимерини“ е грчката фрегата „Кунтуриотис“, која моментално плови покрај брегот на Либан како дел од постојаната мисија на поморските сили под покровителство на ОН, но доколку е потребно, постои можност да се испратат и други воени (или изнајмени) бродови, како и воздушни средства.

- Земји кои сакаат да ги вратат своите граѓани од Либан и поширокиот регион, како што се САД, Канада, Франција и Германија, очигледно имаат свои супериорни средства и квалитет, доколку бидат потребни дополнителни операции за оваа цел. Сепак, Атина е во директен контакт со сите партнери, особено со Отава, бидејќи многу голем број граѓани со канадски пасоши живеат во Либан. Аеродромот во Атина, како и воздухопловната база Суда се точките каде што авионите (цивилни или воени) што ќе ги користат овие земји, можат да бидат стационирани, како што беше случај во октомври и ноември 2023 година, по масакрите во јужен Израел и почетокот на операциите во Газа, пишува „Катимерини“.

Весникот анализира дека Грција и Кипар се во координација со партнерите и за да се постигне максимална заштита на островот со оглед на тоа дека се наоѓа во непосредна близина и е во опасност од проектили „вон контрола“, а причината „не се заканите на Хезболах, туку интензивната електронска војна на поширокото подрачје на израелско-либанската копнена и поморска граница, што може да доведе до пренасочување на текот на проектил кој може да заврши во блиските области“. ср/

Остани поврзан