• вторник, 24 декември 2024

Кариман: Аваја има моќ да ја обликува иднината на ромската заедница

Кариман: Аваја има моќ да ја обликува иднината на ромската заедница

Скопје, 6 мај 2024

„Ние сме на прагот на историски момент – момент кога имаме моќ да ја обликуваме иднината на нашата заедница! Сите сме сведоци на историски настан на кој Ромите, со моќта која ја поседуваат и заслужуваат, праќаат порака за идните генерации, порака за мојата ќерка, вашите синови, нашите деца!“, рече претседателот на политичката партија Аваја, Акиф Кариман на завршниот митинг во Струмица.

Тој вели дека овие избори не се само избор на одредена партија или на кандидат, туку се избор за тоа каква држава сакаме да бидеме. „Дали ќе избереме земја во која владеат интегритетот, знаењето и колективниот напредок? Патот до изборот не е лесен. Се соочуваме со противници кои нема да застанат пред ништо и никого за да ја задржат својата моќ. Моќ на која се навикнати. Моќ која носи прогрес само за нив. Моќ за поединци. Тие посегнуваат кон незаконски дејствија, купување гласови, страв и заплашување за да ја задушат волјата на народот. Но, АВАЈА кажува ДОСТА Е! Ромите велат ДОСТА Е!“, рече Кариман.

Според него, доста е со стариот начин на политика, каде корупцијата, измамите на народот и сопствениот интерес се прифатена норма. Доста е со валканите трикови и прикриени тактики дизајнирани да го замолчат несогласувањето со нивните одлуки и начин на работа. Доста е со потиснување на демократијата.

„Аваја е се што другите не сакаат и не знаат да го прават. Аваја претставува нешто поинакво. Ние залагаме за интегритет - за чесност, транспарентност и одговорност во владата. Ние се залагаме за знаење - за политики засновани на докази и експертиза, а не на политичка целисходност или личен интерес. И ние се залагаме за колективен напредок - за издигнување на сите членови на нашето општество, без разлика на социјален статус или потекло. Ние не освојуваме гласови; ние освојуваме срца. Ние не се потпираме на страв и поделеност; инспирираме надеж и единство. Ние не бараме моќ за да бидеме моќни поединци од партискиот круг; ние се стремиме за моќ на секој граѓанин да ја крои својата судбина“, рече Кариман.

Ќемал Сулејманов, кандидат за пратеник од Изборна единица 3, во своето обраќање пред струмичани рече дека имал успешна кампања во која посетил многу куќи, но сепак не му било тешко бидејќи запознал интелигентни и добри Роми. „Потврдив дека на местата каде што живеат нашите Роми има нула инвестиции. И затоа време е да кажеме Доста е. Аваја ќе ги смени сите работи“, рече Сулејманов, кој упати порака до другите политички партии: „кога некој од вашите претставници ќе дојде во ова маало и ќе каже дека ова маало е негово, тоа не е точно, затоа што ова е мое маало“.

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан