• вторник, 24 декември 2024

Каратистите на Макпетрол се подготвуваат за претстојното Европско Првенство

Каратистите на Макпетрол се подготвуваат за претстојното Европско Првенство

Скопје, 1 мај 2024 (МИА) - Македонските карате-репрезентативци, членови на клубот Макпетрол се на еднонеделни подготовки во Струга. Претставниците на скопскиот клуб ја темпираат формата за претстојното Европското сениорско првенство, закажано за периодот од 8 до 12 мај во Задар, Хрватска.

- Макпетрол е носечкиот клуб во сениорска конкуренција на македонската репрезентација. Во составот имаме искусни, прекалени и квалитетни спортисти, а тие ќе бидат и најбројни на ова европско првенство. Ќе учествуваме со осум спортисти од клубот и затоа и одговорноста за успешни резултатски постигнувања кај нас е огромна. Нема да оставиме ништо на случајноста, бидејќи нашиот пристап и однос кон спортот е професионален. Најстручно, со најмодерна тренерска методологија, ќе се подготвиме и ќе направиме сѐ што е потребно за да ги зголемиме шансите за успешен настап на ова првенство, изјави Бошко Заборски, тренер на Макпетрол.

Пет спортисти од вкупно осум, кои се повикани за националниот тим, ќе настапат во поединечните категории во дисциплината кумите: Петар Заборски (-75кг.), Петар Спасеновски (-84кг.), Данило Божовиќ (+84 кг.), Симона Заборска (-55кг.) и Ангела Мојсовска (-68кг.) 

За дисциплините борби во екипна конкуренција се повикани: Викторија Јовановска, Витомир Трајовски и Стефан Стојановиќ. 

Сите кои ќе настапат во поединечна конкуренција за Македонија, се пријавени и во екипна конкуренција во составите на машкиот и женскиот кумите тим за Европското првенство во Задар. зс/

Остани поврзан