• четврток, 26 декември 2024

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Скопје, 25 ноември 2024 (МИА) - Новата заменик-претседателка на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова-Пановска, на вчерашниот 30. Конгрес на партијата порачала дека  функцијата која и е доверена со себе носи огромна одговорноста пред членовите на партијата и пред граѓаните и оти затоа ќе го стави во функција сето нејзино искуство, знаење и вештини стекнати во професионалната кариера.

-Одговорноста е огромна пред се заради фактот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е исправен пред предизвикот да ја исцрта и уште поважно да ја одработи траекторијата на промените и реформите на партијата кои ќе го обезбедат нејзиниот  понатамошен развој и ќе го отелотворат нејзиниот правец на делување, процеси кои треба и мора да ја вратат партијата на вистинскиот колосек, рекла Каранфилова-Пановска.

Во обраќањето пред делегатите, како што информираат од СДСМ, Каранфилова-Пановска посочила дека верува во професионалноста и амбициозноста на претседателот на СДСМ, Венко Филипче и оти ќе го стави во функција сето нејзино искуство, знаење и вештини стекнати во професионалната кариера.

-Длабоко сум убедена во професионалноста, амбициозноста, трудољубивоста, страста, посветеноста, упорноста и емпатијата кои ги носи Венко, и тие беа едни од клучните причини зошто ја прифатив номинацијата. Јас ќе му дадам целосна поддршка и ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики на СДСМ, кои ве уверувам ќе бидат политики за промени. Јас со себе тврдоглаво ги носам принципите, ставовите и наративот кои му прилегаат на   прогресивното граѓанско општество, кои во својата срж ја имаат потребата и борбата за слобода, демократија, човекови права, социјална правда, правичност, различност, рамноправност и интегритет – вредности за кои не сум правела и никогаш нема да направам компромис, порачала потпретседателката на СДСМ.

Таа е убедена дека ќе го вратат статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите на, како што рекла, единствената државничка партија во Македонија - СДСМ.

-Моето нафаќање и ангажман ќе биде особено значајно и се надевам ќе биде од голема помош, во оваа фаза на темелни внатрешни промени и реформи, дефинирање на новиот курс и позиционирањето на партијата, имајќи ги предвид сите предивизици, а особено, оној, за мене клучен и суштински, а тоа е враќањето на довербата кон СДСМ од страна на слободоумните граѓани на кои вредносната оска на социјалдемократијата им е блиска, а кои во изминатиот период се разочараа од СДСМ и се чувствуваат изневерено. Нив мора да ги вратиме! И во ова лежи суштината на мојот инстинкт, порив и подготвеност да се нафатам на оваа сериозно одговорна функција, рекла Каранфилова-Пановска.

При тоа, потенцирала дека мора да се случи консолидација на знаењето кое го поседува СДСМ во најширока смисла од раководство, општински организации, членови, симпатизери, поддржувачи, природните сојузници меѓу граѓанството, и тоа да се преточи и во консолидирано делување на сите нивоа.

-СДСМ мора интензивно и бескомпромисно да зрачи и да делува согласно својот автентичен вредносен систем идеологија и наратив, кои ќе бидат главната окосница што ќе ја одржува и зајакнува внатрешната кохезија и заедништвото во партијата, порачала новата потпретседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска.

Според неа, со многу работа, посветеност, конзистентност, искреност во пристапот и намерите, со дијалог, солидарност, емпатија и уважување на различните ставови и позиции, како и со вреднување на различностите како привилегија и богатство на една демократска партија, ќе може да се врати статусот, угледот, кредибилитетот, поддршката и победите СДСМ.

Фани Каранфилова Пановска за нов потпретседател на СДСМ беше избрана на вчерашниот 3-0. конгрес на партијата, а нејзиниот избор го соопшти претседалот на партијата Венко Филипче.  

-Таа е човек со кој јас се познавам долго време, и знам дека ги носи во себе и цврсто верува во социјалдемократските вредности. Учествувала во работата на многу граѓански организации, најмногу во Фондацијата Отворено Општество и соработувала со други правни субјекти кои ги делат вредностите така како што се поставени во постулатите на нашата партија, рече вчера Филипче. 

На конгресот, на кој присуствувале 536 од 626 нови делегати, бил избран Централниот одбор на партијата, а до крајот на неделата ќе избрано и целото ново раководство на СДСМ. сст/лв/

фото СДСМ 
 

 

Остани поврзан