• недела, 08 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Кан сака да го купи Бордо, нуди 30 милиони евра

Кан сака да го купи Бордо, нуди 30 милиони евра

Минхен, 12 април 2025 (МИА) - Поранешниот германски голман Оливер Кан изјави дека понудил 30 милиони евра за купување на фудбалскиот клуб Бордо, кој поради финансиски проблеми испадна во четвртата лига.

-Долго време бевме во интензивни преговори со сопствениците и акционерите за можен влез во клубот. Не е лесно, многу е сложено, но го направивме првиот чекор нудејќи 30 милиони евра, изјави Кан во поткаст за германскиот весник „Билд“.

Поранешниот голман на Баерн Минхен додаде дека кон понудата е прикачен доказ за средства.

-Целта е клубот да се врати во Лига 1 во наредните години, веруваме дека сме дел од решението и сигурен сум дека заедно можеме да го постигнеме тоа, потенцираше легендарниот 55-годишен германски голман.

Во февруари, Кан, придружуван од неговиот деловен партнер, поранешниот претседател на Марсеј, Жак-Анри Ејро, го посети Бордо и разговараше со локалните лидери.

На почетокот на март, актуелниот претседател на Бордо, Жерар Лопез, призна дека е во преговори со Кан, но додаде дека сè уште „нема цврста понуда“.

Тој рече и дека нема намера да го продаде Бордо, но дека е отворен за доаѓање на малцински акционери.

Под негово водство од 2021 година, Бордо испадна во втората лига, за да се откаже од својот професионален клупски статус минатото лето, затворајќи го својот тренинг центар, што ги доведе до четвртото ниво од натпреварувањето.

На шест кола до крајот на сезоната, Бордо се наоѓа на третото место во групата од четвртата дивизија, со шест бода помалку од лидерот Сен Мало, на кого му гостуваат во сабота.

Само првопласираните селекции од трите групи се пласираат во третата лига на Франција. Бордо е познат француски клуб, кој шест пати бил шампион на таа земја, а последниот трофеј во домашното првенство го освоил во сезоната 2008/09. дс

Фото: Архива

Тагови

Остани поврзан