• сабота, 23 ноември 2024

Часовникот го промени светот

Часовникот го промени светот

Лондон, 14 ноември 2023 (МИА) - Пред 1.000 години луѓето живееле без часовници, а времето се определувало со вообичаените навики, разни асоцијации, споредби и така натаму. Во средновековна Англија, на пример имало мерка за време наречена „Патер Ностер Вајл“, еднаква на времето потребно да се каже молитвата „Оче наш“.

Логично, следи прашањето: Каков бил животот без часовници и колку таа направа го сменила начинот на којшто се гледаме себеси и светот?

Сѐ до доцниот среден век, луѓето не го сметале времето како нешто од што зависи работата што ја прават. Косењето на тревникот, за споредба, не би траело „половина час“ - ќе биде потребно онолку време колку што е потребно да се коси тревникот, според тогашниот светоглед. Историчарите ова го нарекуваат „живот ориентиран кон задачите“. Ова значи дека времето се гледало во однос на тоа колку долго траела задачата, а не поделено на часови, минути и секунди.

„(Луѓето) ги молзеле кравите кога требало да се молзат и го жнееле посевот кога било време за жетва, а секој што би се обидел да наметне друг распоред за нешто од тоа, на пр., правејќи го месечното молзење на еден ден, за да го тргне од „дневен ред“, или пак, се обиде да ја направи жетвата порано, со право би го сметал еза лудак“, пишува Оливер Буркман во својата книга „4.000 седмици: Управување со времето за смртници“.

Поентата е дека пред пронаоѓањето на часовникот немало работно време „од осум до четири“. Работата е завршена тогаш кога ќе се собере жетвата. Повеќето луѓе требало да работат дење, што значело долги работни денови од шеснаесет часа лете и многу пократки осум часа зиме. Немало брзање да се заврши задачата поради некои „вештачки временски“ ограничувања. Како што ќе ви каже секој бавен, опуштен старец: „Потребно е колку што е потребно“.

Повеќето луѓе денес работат работи коишто вклучуваат канцеларија или фабрика. Ако треба да се одржи состанок во одредена просторија со одредени луѓе, веќе не може да се каже: „Да се собереме после ручекот“... Автобусот не може да се фати „откако ќе ги измијам забите“, или да одиме на филм в кино „кога сонцето ќе зајде“ - според речникот на нашите предци.

Како што Европа се модернизирала и индустријализирала, флексибилноста на аграрниот живот, на пр., се ориентирала кон временски одредени задачи. Па, првата голема корпорација што редовно користела часовници е Британската пошта, а потоа и железничките компании.

Но, наскоро сите ги увиделе предностите на живеењето „според часот“. Тешко е, на пр., да се координираат работниците во фабрика и да се работи на погонот и производството без часовник.

На индустријата ѝ биле потребни работниците да дојдат на работа „навреме“. Делотворноста на производството просто бара часовник.

Кога се проучува историјата воопшто, честопати е лесно да се проектира сопствениот живот во времето на оние што живееле пред нас. Но, во случајов, и за оние кои се занимаваат со историја, тешко е да се замисли како се управувало со општеството без часовник. И спротивно на тоа, за еден средновековен земјоделец кој би нѐ набљудувал нас, животот денес би му бил крајно туѓ, па дури и дистопија.

Часовниците целосно го сменија начинот на којшто човекот го гледа светот. Само помислете колку често го проверувате времето на часовник или телефон. Човековиот живот, воопшто, во голема мерка, денес е управуван од часовникот.

Работите порано биле „ориентирани кон задачите“. Светот се движел како што „се движел светот“, а сега луѓето се борат со светот, за да ги исполниме барањата на времето: „Часовникот никогаш не лаже и не смеам да доцнам“.

Меѓутоа, како што пишува порталот „Бигтинк“, понекогаш просто мора да се отфрлат тие невидливи „синџири“ на совремието. Не мора сѐ во животот да се подели на уредни делови, по примерот на училишните часови. Понекогаш е добро да си дозволиме „светот да се движи“. И, добро е да си кажеме: „Ќе потрае онолку колку што е потребно“. си/ми/

Фото: МИА архива

Остани поврзан