• среда, 25 декември 2024

Кавадарци одбележува 65 години од раѓањето на Ристо Соколов-Сокол 

Кавадарци одбележува 65 години од раѓањето на Ристо Соколов-Сокол 
Кавадарци, 19 април 2022 (МИА) - Кавадарци денеска одбележува 65 години од раѓањето на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници,  Ристо Соколов Сокол (1957 – 2015). По тој повод, вечерва во Музеј галеријата ќе биде отворена  негова ретроспективна изложба, своевиден омаж на неговата уметност и живот. - Роден на 16 април, на ден Велигден,  замина на 14 февруари на ден Свети Трифун. Зад себе остави импозантно ликовно творештво, беше графичар и графички дизајнер по образование, а насекаде важеше и како исклучителен креатор на извонредни ликовни перформанси, мултимедијални настани, автор на бројни театарски сценографии, сценограф на многу музички концерти и фестивали и слично. Едноставно, ликовната уметност за него немаше тајни, напротив, беше и голем ликовен иноватор што го покажа со неговата врвна ликовна изложба “Некогаш и денес“, на која се претстави со циклус дела работени со природни материјали, информира Марјан Тодоровски од Здружението „Алтер Центар“ Кавадарци. Тој потсети дека Соколов соработуваше со најдобрите уметници од сите дејности – театар, фотографија, музика, литература, стрип и слично. - Беше извонреден ентериест, голем број на локали низ Кавадарци, Македонија, Бугарија, Србија, се уште го носат неговиот уметнички печат. Излагаше низ многу земји, уметнички делуваше низ половина свет (Њујорк, Париз, Белград, Загреб, Јадранското приморје, Берлин и секако речиси во секој град во Македонија), нагласува Тодоровски. Ристо Соколов-Сокол беше и еден од основачите на Здружението за алтернативна култура „Алтер центар“ Кавадарци. свд/цр    

Остани поврзан