Исчистен споменик од НОБ во липковско Белановце
- Членовите на Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав заедно со месно население го исчисија споменикот од НОБ кај локалитетот Воденица во липковското село Бела
Куманово, 17 октомври 2022 (МИА) - Членовите на Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав заедно со месно население го исчисија споменикот од НОБ кај локалитетот Воденица во липковското село Белановце, соопшти кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Тие положија цвеќе на споменикот посветен на борците од НОБ, кој се наоѓа на исклучително непристапен терен.
Димитриевски во објава на Фејсбук им се заблагодари на членовите на Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав - ЗАПВАРС Куманово кои на сопствена иницијатива и со помош на месното население го посетија и исчистија споменикот посветен на борците од НОБ - Боро Менков, командант на одредот, Перо Георгиевски Чичо, Бајрам Шабани, Магдалена Антова, Киро Бурназовски, Аритон Димковски Тонко, Наце Ивановски Буѓони.
-Денеска од страна на членовите на Здружение на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав - ЗАПВАРС Куманово беше посетен локалитетот Воденица во село Белановце во Општина Липково на планината Карадак каде што се наоѓа споменикот подигнат во чест на борците од НОБ кои на 14 октомври 1941г година во борба со бугарскиот фашистички окупатор ги положија своите животи.
Вечна им слава на паднатите борци - Боро Менков - командант на одредот, Перо Георгиевски Чичо, Бајрам Шабани, Магдалена Антова, Киро Бурназовски Мумурузница, Аритон Димковски Тонко, Наце Ивановски Буѓони. Голема благодарност до членовите на здружението ЗАПВАРС Куманово кои на сопствена иницијатива и со помош на месното население го посетија овој локалитет заборавен од сите со децении, кој се наоѓа на многу непристапен терен, го исчистија локалитетот и положија свежо цвеќе во чест на паднатите херои, објави Димитриевски на Фејсбук. ам/хс/