• сабота, 23 ноември 2024

Истражување: 42,5 проценти од учениците сметаат дека има насилство во училиште, една четвртина пријавуваат

Истражување: 42,5 проценти од учениците сметаат дека има насилство во училиште, една четвртина пријавуваат
Скопје, 19 ноември 2022 (МИА) - Дури 42,5 проценти од учениците сметаат дека има насилство во нивното училиште, а само една четвртина го пријавуваат. Како најчести причини за насилство меѓу врсниците во училиштата се докажување на сила, љубомора и проблеми во однесувањето, покажува истражувањето на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ спроведено во основните и средните училишта во Скопје. Анкетата е направена во период септември - октомври оваа година, по повод 19 Ноември - Светскиот ден за превенција од злоупотреба на деца и млади.

Учениците изјавиле дека во своето место на живеење најмногу се чувствуваат небезбедни поради присуството на насилство поради физички изглед и етничка припадност, кучиња скитници и проблематични момчиња во групи.

Како најчест облик на насилство, 25,7 отсто од учениците го препознаваат дека е вербалното насилство, по што следи социјалното насилство (исклучување од група / озборување) со 24,8 проценти. Испитаниците сметаат дека нема разлика меѓу полот во однос на тоа кој е најчесто жртва на насилство – 54 отсто од испитаниците сметаат дека и момчињата и девојчињата се подеднакво жртви на насилство.

Само една четвртина,односно 25,7 проценти од учениците изјавиле дека пријавиле насилство, а 15 отсто дека не сакаат да одговорат што, според „Меѓаши“, сугерира дека можеби биле сведоци на насилство, но не се чувствуваат удобно да разговараат за тоа или да го пријават.

Само 33,6 отсто од учениците сметаат дека одговорните служби во своето училиште реагираат соодветно и навремено на случаите на насилство. Голем дел изјавиле дека не се запознаени како реагираат службите (27,4 проценти) или дека службите не реагираат соодветно и навремено (11,5 проценти).

19 Ноември во 2000 година беше предложен за Светски ден за превенција од злоупотреба на деца и млади и претставува годишна глобална кампања за подигнување на свеста чија цел е градење култура на превенција од детска злоупотреба.

Мрежата предводена од Women's World Summit Foundation (WWSF), чија членка е и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, обединува над 930 владини и невладини институции/организации од повеќе од 135 земји кои секоја година го одбележуваат овој ден.

-Македонија има активна Национална стратегија за превенција и заштита на децата од насилство (2020-2025), според која под поимот насилство се подразбираат „сите видови на физичко или ментално насилство, повреди или злоупотреба, занемарување или немарен однос, малтретирања или експлоатација на дете, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба,  во однос на доверба и грижа од страна на родителите, старателите или некое друго лице на кое законски му е доверена грижата за детето“, соопштија од Првата детска амбасада. бт/нд/

Остани поврзан