• понеделник, 16 декември 2024

Истражување на Јејл: Кремљ водел програма за присилно селење и „русификација" на украински деца

Истражување на Јејл: Кремљ водел програма за присилно селење и „русификација

Вашингтон, 3 декември 2024 (МИА) - Авионите и ресурсите под директна контрола на рускиот претседател Владимир Путин се користеле во програмата за одземање деца од окупираните украински територии, се наведува во извештајот на Школата за јавно здравје при Универзитетот Јејл, објавен денеска.

Според истражувањето, кое е поддржано од Стејт департментот, идентификувани се 314 украински деца кои биле одведени во Русија во првите месеци од војната во Украина, како дел од систематска програма финансирана од Кремљ со цел нивна „русификација".

Истражувачот Натанил Рејмонд, извршен директор на Лабораторијата за хуманитарни истражувања при Универзитетот Јејл, најави дека утре ќе ги претстави наодите од истражувањето пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

Рејмонд изјави дека истражувањето обезбедува докази кои ги поддржуваат обвиненијата на Меѓународниот кривичен суд против Путин за „присилно преселување" на деца од една национална и етничка група во друга. Тој додаде дека извештајот докажува дека „депортацијата на украински деца била дел од систематска програма водена од Кремљ, со цел тие да станат руски државјани“.

Истражувањето се базира на податоци добиени од три руски бази на владини посвојувања, собрани во период од над 20 месеци.

- Истрагата на Јејл потоа ја мапираше наводната логистика на програмата за посвојување и финансирање и потврди идентитетот на 314 деца, изјави Рејмонд.

Истражувањето е дел од иницијативата водена од Стејт департментот со цел документирање на можни прекршувања на меѓународното право и злосторства против човештвото од страна на Русија и силите кои делуваат во Украина.

Во извештајот се наведува дека украинските деца однесени во Русија каде биле подложени на „државна и милитаризирана пропаганда", документирана како „патриотско превоспитување".

Според извештајот, украинските деца биле транспортирани во Русија со авиони на руските воздухопловни сили, кои се под директна контрола на кабинетот на Путин. Нивниот транспорт се одвивал меѓу мај и октомври 2022 година.

Најмалку две групи деца биле транспортирани со авиони управувани од Управата за претседателски имот при руската претседателска администрација. Во мај и октомври 2022 година, тие биле пренесени на воениот аеродром Чкаловски во близина на Москва. Децата претходно биле префрлени од окупираните територии на Доњецк и Луганск во Ростов, град во Русија блиску до украинската граница, со авион со регистерски број RA-85123.

Од 314 идентификувани украински деца, 166 биле сместени директно кај руски граѓани, а подоцна, уште една третина од преостанатите 148 деца наведени во руските бази податоци за сместување била сместена кај руски семејства.

Во март 2023 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на претседателот на Русија Владимир Путин и неговата комесарка за правата на децата Марија Љвова-Белова за наводно воено злосторство поради депортацијата на украински деца.

Љвова-Белова изјави дека нејзината комисија постапила од хуманитарни причини за да ги заштити децата на територии погодени од воените операции.

Ројтерс, како што пренесуваат западните медиуми, наведува дека документирал префрлање на илјадници деца во руски кампови, присилна натурализација на Украинци и учество на Белорусија во таа програма.

Киев проценува дека околу 19.500 деца биле однесени во Русија или Крим, додека Љвив-Белова претходно ги оспори тие бројки и изјави дека 380 сирачиња и деца кои немале родители биле дадени на руски згрижувачки семејства во периодот од април до октомври 2022 година. ссм/

фото: архива

Остани поврзан