• вторник, 24 декември 2024

Истражување за проценка на потребите на младите изложени на ризик

Истражување за проценка на потребите на младите изложени на ризик

21 февруари 2024 

Во 2023 година ХОПС – Опции за здрав живот Скопје учествуваше во регионалниот проект “Млади за млади, заедно да работат” кој е финансиран преку Еразмус + програмите, реализиран во партнерство со организациите “Ре Генерација” од Белград и “Удруга Тера” од Ријека.

Една од активностите на проектот беше да се спроведе истражување со цел да се проценат:

• постоечките капацитети и пракса на регионалните младински организации што работат со млади кои учествуваат во ноќниот живот и/или употребуваат психоактивни супстанци во рекреативни опкружувања

• проценка на основните потреби и предизвици со кои се соочуваат младите изложени на ризик – кои учествуваат во ноќниот живот, младите кои употребуваат психоактивни супстанци во рекреативни средини и маргинализираните групи на млади,

• учеството во младинските политики и застапувањето за реформи на јавните политики,

Проценката на основните потреби и предизвици со кои се соочуваат младите изложени на ризик , кои учествуваат во ноќниот живот се направи преку онлајн истражување. Онлајн истражувањето се спроведе во период од една недела и вкупно 119 испитаници на возрaст од 18 до 35 години зедоа учество . Најголемиот дел од испитаниците се на возраст од 31-35 години (36 %) и од 22-25 години ( 30,2 %). Според род 57,14 % се жени, 39,5 % мажи, 2 учесници или 1,68 % се трансродни лица, 1 личност се изјаснила како небинарна личност и 1 не се изјаснила.

Според образованието најголемиот дел 70 % се со високо образование а 30 % се со завршено средно образование.

85 % одговориле дека се грижат за сопственото здравје и безбедност во текот на ноќните излегувања. Најчести начини за тоа како се грижат се: пијат повеќе вода, нарачуваат пијачки во шише или лименки кои сами можат да ги отворат, внимаваат да излегуваат со познати луѓе, во доцните часови не се враќаат пешки туку со такси, употребуваат психоактивни супстанци во умерени количини.

Од оние 15 % кои рекле дека не се грижат за сопственото здравје и безбедност при ноќните излегувања, најголем дел причината за тоа ја лоцираат во тоа што употребуваат психоактивни

супстанци кои ги прави да бидат нерационални, негрижливи , релаксирани и помалку внимателни.

Безбедноста на ноќниот живот во Македонија испитаниците го оценуваат како средно безбеден со оценка 3 на скалата од 1 до 5 . Но и покрај тоа дури 66.4 % од испитаниците имале непријатно искуство при ноќните излегувања. Од испитаниците кои имале непријатно искуство, 69,6 % имале непријатно искуство со други посетители на настанот, 50,6 % имале непријатно искуство со полиција а 41.7 % со обезбедувањето на настанот. Негативно искуство поврзано со употреба на психоактивни супстанци имале 19 % од испитаниците. Само 30 % побарале помош или поддршка кога имале непријатно исксутво во текот на ноќните излегувања и при тоа во зависност од проблемот најмногу побарале помош од пријателите на кои им веруваат, од обезбедувањето или од граѓанските организации . Интересно е што дури 37 % од испитаниците се запознаени со програмите за намалување на штети од употреба на дроги кои ги спроведуваат граѓанските организации а 9, 24 % користеле услуги од овие програми.

Од 119 испитаници 59 или речиси 50 % рекле дека при ноќните излегувања употребуваат психоактивни супстанци, од нив 75 % тоа го направиле во последниот месец а само 2 од нив или 3,4 % пред повеќе од 12 месеци.

Најупотребувана супстанца е алкохолот, (44,5 % од вкупниот број на испитаници) односно 89,8% или 53 испитаници од оние кои употребиле супстанци во последниот месец употребиле алкохол при ноќните излегувања, канабис употребиле ( 35,3 % од вкупниот број на испитаници), 71 % или 42 испитаници од оние кои употребиле супстанци во последниот месец, кокаин употребиле 24,3 % од вкупниот број на испитаници,, односно 29 испитаници или 49,15 %, од оние кои употребиле супстанци во последниот месец , МДМА( екстази) употребиле 21 % од вкупниот број на испитаници, односно 42,37% или 25 испитаници од оние кои употребиле супстанци во последниот месец, амфетамини користеле 16,8 % од вкупниот број на испитаници, односно 20 испитаници или 33,9% од оние кои употребиле супстанци во последниот месец и магични печурки употребиле 6,7% од вкупниот број на испитаници односно 13, 5% или 8 испитаници кои употребиле супстанци во последниот месец. Останатите видови психоактивни супстанции користеле помалку од 10 % од испитаниците кои употребиле психоактивна супстанца во последниот месец .

Најчест начин на употреба на психоактивните супстанци е орално со голтање 91,5 % , а следуваат назално со шмркање и пушење 88% . Употребата со инјектирање на супстанцата која пред десетини години беше многу актуелна во Македонија кај овие испитаници е многу ретка . Само 2 испитаници одговориле дека употребуваат супстанци со инјектирање.

Испитаниците сметаат дека имаат добро познавање за супстанциите кои ги употребуваат, па дури 96,4 % од вкупниот број на испитаници (119) одговориле дека се запознаени со ризиците од употребата на психоактивни супстанции. Сепак, и покрај тоа ризичното однесување поврзано со

употребата на психоактивни супстанци е големо. Така, над 50 % од испитаниците кои употребуваат психоактивни супстанции при ноќните излегувања зеле супстанца за која не биле сигурни што е тоа што го употребуваат . 45,7 % од испитаниците кои употребиле психоактивна супстанца одговориле дека го споделуваат приборот при употреба на психоактивните супстанци. Во зависност од видот на приборот кој го користат, ризикот од пренесување на инфекции може да биде поголем ако се споделува приборот за инјектирање и приборот за назална употреба на супстанцата. Уште позагрижувачки е дека дури 73% од оние кои употребуваат супстанци рекле дека ги мешаат психоактивните супстанци, односно во текот на ноќта употребуваат повеќе видови на психоактивни супстанции што дополнително влијае на ризикот од предозирање или нарушување на здравствената состојба.

49 лица или 83 % од оние кои употребуваат психоактивни супстанции одговориле дека имале сексуални односи под дејство на психоактивни супстанци. Загрижувачко е дека само 37, 8 % редовно користеле кондом при вагинален сексуален однос , односно 46,8% редовно користеле кондом при анален сексуален однос а само 9 % редовно користат кондом при орален сексуален однос.

Ако прифатиме дека навистина испитаниците имаат познавања за ризикот од употребата на психоактивни супстанци како што одговориле 96,4% од нив, очигледно е дека постои голема разлика помеѓу нивното познавање и однесувањето. Односно и покрај нивните познавања тие употребуваат психоактивните супстанции на прилично ризичен начин и под дејство на психоактивните супстанции се впуштаат во ризчини односно незаштитени сексуални односи.

28, 5% од вкупниот број на испитаници биле сведоци на предозирање или труење со психиоактивни супстанци што укажува дека бројот на предозирања во Република Северна Макеоднија не е вооппшто мал.

Дури 96 % сметаат дека имаат познавања за начините на пренос на ХИВ , Хепатитс и другите сексуално преносливи инфекции а 76 % знаат каде можат да се тестираат за истите овие инфекции. 43,7 % се тестирале за ХИВ, 28,5 % се тестирале за Хепатитис а 35 % се тестирале за друга сексуално пренослива инфекција.

Јавни политики

Дури 91.6 % сметаат дека младите во РСМ не се доволно информирани за јавните политики кои се однесуваат на нив , а 93 .2 % сметаат дека носителите на одлуки не се доволно запознаени со потребите на младите. Речси 80 % од испитаниците никогаш не учествувале во одредена јавна или младинска политика а 91, 6 % сметаат дека младите не се доволно вклучени во процесите на носење на одлуки за прашања кои се однесуваат на нив. За разлика од тоа дури 56,3% рекле дека

учествувале во некоја активност на граѓанска организација која се занимава со промовирање на интересите и правата на младите. Ова е многу поразличен податок од студијата од 2019 година според која 90 % од младите во Северна Македонија никогаш не биле дел од граѓанска / невладина организација или иницијатива.1

92,4 % сметат дека е важно младите да имаат свои претставници во процесите на креирање и спроведување на јавните политики што се однесуваат на нив.

 

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан