• вторник, 26 ноември 2024

Исполнето шаховско лето за јуниорите на ШК Алкалоид

Исполнето шаховско лето за јуниорите на ШК Алкалоид

Скопје, 23 август 2023 (МИА) - По настапите на државните првенства во јуни, а во пресрет на Европското младинско првенство во септември и на Светското младинско првенство во ноември, како и на Државното екипно првенство за јуниори, членовите на напредните групи од школата на ШК Алкалоид добија поддршка од својот клуб да настапуваат на турнири во странство ова лето.

 

Теодор Јовановски прво настапи на 16. Интернационален турнир „Параќин Опен“, а потоа продолжи на „Србија опен“. Во Белград му се приклучија и Матео Ефтовски и Леа Ефтовска.

 

Стојан Велкоски учествуваше на 32. издание на Турнирот „Василис Теодорис“ во Кавала, Грција. На истиот турнир играше и актуелната државна шампионка на Македонија, воедно и “прва табла” на женската репрезентација, ЖФМ Моника Стојковска.

 

На силниот турнир во Аранѓеловац Србија настапи Филип Михов. Со него беше и Дино Табаковски, кој беше аутсајдер на овој силен турнир, но тој потоа учествуваше на отворениот турнир „Шумадинац“ во Крагуевац. На овој шаховски фестивал учествуваше и актуелниот шампион во категоријата до 14 години, Кирил Николовски, кој исто како и Табаковски го поправи својот рејтинг.

 

Михаил Јорданов, кој минатата година заврши со своите настапи на младинските првенства, а од оваа година е пријавен и во сениорскиот тим на ШК Алкалоид за претстојното Државно екипно првенство, учествуваше на „Летниот Oпен“ во Прага, Чешка. Тој потоа настапи и на турнирот во Оломоц, а на двете натпреварувања заедно со него учествуваше и претходно споменатиот Теодор Јовановски.

 

Стефан Мелник, по одличните настапи на Државното првенство за слепи и слабовидни лица, изигра прв контролен турнир во Пожаревац, каде што ја доби наградата за најдобар младинец со освоени 3,5 поени од 5 партии.

 

Европското првенство за младинци оваа година ќе се одржи во Мамаја, Романија, во терминот од 5 до 14 септември, додека, пак, Светското првенство за играчи од 14 до 18 години е закажано од 13 до 24 ноември во Монтесилвано, Италија. зс/

 

Фото: ШК Алкалоид

Остани поврзан