• четврток, 20 март 2025

Искусни токсиколози ќе прават испитувања пред да бидат пуштeни на домашно лекување повредените во Кочани

Искусни токсиколози ќе прават испитувања пред да бидат пуштeни на домашно лекување повредените во Кочани

Скопје, 20 март 2025 (МИА) - На повредените во пожарот во Кочани кои се лекуваат во земјава ќе им бидат направени токсиколошки анализи пред да бидат пуштени на домашно лекување.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска во изјава за медиумите рече дека испитувањата ќе ги прават искусни токсиколози. 

- Тоа е одлучено во Кризниот штаб за сите пациенти кои ќе се испишуваат. Затоа и денеска не брзавме да ги испишиме, имавме неколку пациенти кои беа за испис. Ќе дојдат искусни токсиколози, ќе направат испитувања и да бидеме сигурни да ги пуштиме за лекување во домашни услови, истакна Таравари.

Посочи дека сите 173 пациенти кои се лекуваат во земјава и во странство, се во добра состојба. Седумдесет и двајца се лекувале во државава, а 101 надвор од неа. Во добра состојба се и двајцата пациенти транспортирани во Шведска.

Попладне, околу 16 часот, како што најави Таравари, на веб-страницата на Министерството за здравство ќе бидат објавени имињата на сите болници каде се лекуваат повредените. бд/бак/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан