• вторник, 24 декември 2024

ИСВ: Малку е веројатно дека „Вагнер“ може да ја промени ситуацијата на бојното поле во Украина

ИСВ:  Малку е веројатно дека „Вагнер“ може да ја промени ситуацијата на бојното поле во Украина

Москва/ Минск, 30 септември 2023 (МИА) - Малку е веројатно дека поранешните припадници на платеничката група „Вагнер“ ќе предизвикаат значителен стратешки, па дури и локален ефект, на бојното поле во Украина, соопшти Институтот за проучување на војната (ИСВ), цитиран од Укринформ.

Според ИСВ, има се поголеми докази дека припадниците на „Вагнер“ работат заедно со „Росгвардија“ и дека руската Државна дума ќе го разгледа предлог-законот што ќе и овозможи на „Росгвардија“ да формира доброволни единици.

Експертите забележуваат дека актуелниот командант на Вагнер, Антон Елизаров (со кодно име „Лотус“) наводно преговара со „Росгвардија“ за приклучување на актуелниот персонал на групата кон волонтерските формации на „Росгвардија“, но под услови што се поволни за „Вагнер“.

Во меѓувреме, според руски внатрешен извор, елементи на контингентот „Вагнер“ во Белорусија не сакаат да потпишуваат договори ниту со руското Министерство за одбрана ниту со „Росгвардија“, пренесува ИСВ. Место тоа, тие планираат да се приклучат кон идејата на белорускиот претседател Лукашенко да формира белоруска приватна воена компанија со борци на „Вагнер“, а под команда на командантот на „Вагнер“ со кодното име „Брест“.

„Малку е веројатно дека делумното распоредување на поранешниот персонал на „Вагнер“ во која било област на фронтот ќе има некаков значаен стратешки, па дури и локален ефект за бојното поле во Украина“, заклучува Институтот за проучување на војната. сд/

Остани поврзан