• вторник, 24 декември 2024

ИРЛ за „Нечиста крв“ ја доби првата регионална ЕУ награда за истражувачко новинарство

ИРЛ за „Нечиста крв“ ја доби првата регионална ЕУ награда за истражувачко новинарство

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го освои првото место на регионалните ЕУ награди за истражувачко новинарство за документарниот филм „Нечиста крв“, кој е изработен во копродукција со Македонскиот јавен сервис (МРТВ). Наградата во Сараево ја додели Јохан Сатлер, шеф на делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина кој рече дека наградената новинарска сторија разоткри важна тема од јавен интерес.

-Посветеноста на новинарите да разоткриваат неправилности и да бараат одговорност од моќните е импресивна и достојна за восхит и почит. Граѓаните имаат право да знаат дали јавните средства се трошат несоодветно или дали компаниите и институциите се занимаваат со дејствија кои ја загрозуваат нивната безбедност. Професионалното новинарство е неопходно за секое здраво демократско општество, рече амбасадорот Сатлер.

Режисерот на серијалот Редакција и документарниот филм „Нечиста крв“, Трифун Ситниковски изјави дека наградата е потврда за досегашната мисија на ИРЛ.

-Серијалот ‘Редакција’ го започнавме со една многу чиста идеја, а тоа е да им покажеме на граѓаните дека има новинари коишто работат и се борат за нив. Ваквите награди ни се многу значајни бидејќи покажуваат дека целиот труд, работа и борба некој ја препознава и вреднува, посочи Ситниковски.

Втората награда ја освои новинар од Ал Џезеира, Драган Станимировиќ, за документарниот серијал „Битка за Неретва“, а третата ја доби новинар од БИРН Србија Саша Драгојло за сторијата „Криумчар – преведувач и мајор Деки: Тврдење за криминал со полициска помош“.

Оваа регионална награда првпат се воведува годинава и на конкурсот беа пријавени 108 новинарски истражувања од седум земји од Западен Балкан и Турција. Наградите на ЕУ за истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција се дел од проектот „Јакнење на квалитетни вести и независно новинарство“ со цел да се привлече внимание и да се промовираат исклучителните достигнувања на истражувачките новинари, како и да се зголеми видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во овие земји.

Жири комисијата за Регионалната награда на ЕУ за истражувачко новинарство за 2023 година ја сочинуваа Брент Садлер – долгогодишен новинар на СНН, Џенин Гибсон поранешен уредник во Гардијан и БазФид, која моментално е уредник во Фајненшл Тајмс Викенд. И Марко Милосављевиќ, академик на Универзитетот во Љубљана, Словенија, на позицијата редовен професор на Катедрата за комуникации.

Ова е петта награда за ИРЛ за документарниот филм „Нечиста крв“. Три награди освои во Македонија, една регионална во Сараево и меѓународната награда „Global Shining Light Award“ за најдобра истражувачка сторија во Гетеборг. бт/aц/

Остани поврзан