• понеделник, 16 декември 2024

Иран ќе ги задржи своите воени советници во Сирија, соопшти иранското Министерство за надворешни работи

Иран ќе ги задржи своите воени советници во Сирија, соопшти иранското Министерство за надворешни работи

Техеран, 2 декември 2024 (МИА) - Иран планира да ги задржи своите воени советници во Сирија како поддршка на сириската Влада, во услови на офанзива започната од бунтовнички групи против владините сили, кои се сојузници на Исламската Република, соопштија денеска ирански дипломати.

- Присуството на ирански советници во Сирија не е ништо ново, тоа постоеше во минатото и ќе продолжи и во иднина, секако со согласност на сириската влада, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, на редовната прес-конференција. Тој не прецизираше дали Иран ќе го зголеми бројот на своите воени сили во Сирија.

Иран е верен сојузник на Сирија и од почетокот на граѓанската војна во 2011 година, испраќа „советници“ по барање на сириските власти за поддршка на претседателот Башар ал Асад.

Во последниве години, голем број ирански војници ги загубија своите животи во судирите во Сирија, како и при израелски напади на сириска територија.

Во четвртокот Иран соопшти за смртта на генерал од Револуционерната гарда за време на борбите меѓу сириските владини сили и бунтовничките групи во Алепо.

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, денеска увери дека неговата земја ќе направи сè што е потребно за да ги поддржи своите сириски сојузници против бунтовничките групи.

Судири од овој обем не биле забележани во Сирија веќе неколку години.

По посетата на Сирија, Арагчи денеска замина за Анкара, каде се сретна со турскиот колега Хакан Фидан за да го разгледаат сирискиот конфликт, соопшти официјалната иранска новинска агенција ИРНА. ссм/

фото: архива

Остани поврзан