Иран ја предупреди Франција дека ќе реагира на карикатурите на Хамнеи
- Иран денеска најави дека ќе реагира до француските власти поради објавување на „навредливи“ карикатури на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, објавени во сатиричното списание „Шар
Техеран, 4 јануари 2023 (МИА) – Иран денеска најави дека ќе реагира до француските власти поради објавување на „навредливи“ карикатури на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, објавени во сатиричното списание „Шарли ебдо“ (Charlie Hebdo).
Францускиот неделник денеска објави неколку десетина карикатури на ајатолахот Хамнеи. Објавените карикатури беа избрани на конкурс во декември, за време на протестите во Иран.
Навредливиот и непристоен чин на објавување карикатури против верските и политичките власти нема да помине без ефективен и цврст одговор, напиша на Твитер шефот на иранската дипломатија Хосеин Амир-Абдолахијан.
Според него, Иран нема да дозволи француската влада да ги премине нејзините граници.
„Шарли Ебдо“ во декември објави дека „меѓународниот натпревар за карикатура“ на Хамнеи има за цел да ги поддржи „Иранците кои се борат за својата слобода“. ми/