• петок, 05 декември 2025

Иран тврди дека поднел фер предлог за да избегне нови санкции

Иран тврди дека поднел фер предлог за да избегне нови санкции

Техеран, 19 септември 2025 (МИА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денеска изјави дека поднел „избалансиран и фер“ предлог до европските сили за нуклеарното прашање за да се спречи повторното воведување на санкциите на ОН против неговата земја.

Советот за безбедност на ОН денеска треба да гласа за резолуција за тоа дали повторно да се воведат санкции врз Иран поради неговата нуклеарна програма.

Резолуцијата, предложена од Јужна Кореја, сегашниот претседател на Советот за безбедност на ОН, ќе треба да добие поддршка од најмалку девет од 15-те членови на телото за да се спречи повторното воведување на санкциите на крајот од месецот, како што е дефинирано во нуклеарниот договор на Иран со светските сили од 2015 година.

Иран предложи „креативен, избалансиран и фер предлог кој се однесува на легитимни загрижености и е во заемна корист“, напиша Арагчи на мрежата „X“.

Франција, Германија и Велика Британија минатиот месец презедоа чекори за активирање на таканаречениот механизам за враќање на сила, кој автоматски би ги вратил сите санкции на ОН што беа во сила пред нуклеарниот договор од 2015 година.

Овие санкции вклучуваа ембарго за конвенционално оружје, ограничувања за развој на балистички ракети, замрзнување на средства, забрани за патување и забрана за производство на нуклеарна технологија.

Автоматското повторно воведување на санкциите е дизајнирано да спречи вето освен ако Советот за безбедност не се согласи да го запре механизмот.

Во последните недели имаше интензивна дипломатија меѓу Иран и европските земји, но досега немаше решение и сите индикации се дека санкциите веројатно ќе бидат повторно воведени.

Лидерите на Германија и Европската унија го предупредија Иран во средата дека сè уште не презел потребни мерки за да го спречи повторното воведување на санкциите. Земјата веќе се бори по 12-дневната војна и децениската финансиска криза.

-Прозорецот за наоѓање дипломатско решение за иранското нуклеарно прашање се затвора многу брзо, рече шефицата за надворешна политика на Европа, Каја Калас.

„Иран мора да покаже веродостојни чекори како одговор на барањата на Франција, Велика Британија и Германија, а тоа значи демонстрирање на целосна соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија и дозволување инспекции на сите нуклеарни постројки без одложување“, рече Калас. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан