• среда, 08 април 2026

Иран во планот од десет точки бара укинување на санкциите и право да збогатува ураниум

Иран во планот од десет точки бара укинување на санкциите и право да збогатува ураниум

Техеран, 8 април 2026 (МИА) - Иранскиот мировен план со десет точки, кој е доставен до САД со цел окончување на војната на Блискиот Исток, предвидува Вашингтон да прифати продолжување на иранската програма за збогатување ураниум, како и целосно укинување на сите санкции.

Планот објавен од Врховниот совет за национална безбедност вклучува принцип на ненапаѓање, задржување на иранската контрола врз Ормуската Теснина, прифаќање на збогатувањето ураниум и укинување на сите примарни и секундарни санкции.

Иран исто така бара укинување на резолуциите против Исламската Република донесени од Советот за безбедност на ОН и управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), исплата на отштета, повлекување на американските воени сили од регионот и прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и јужен Либан, каде што во тек се воени пресметки меѓу припадниците на Хезболах и на Израелската армија.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф синоќа изјави дека САД, Иран и нивните сојузници се согласиле на прекин на огнот „на сите подрачја“, вклучително и Либан, по пакистанско посредување насочено кон запирање на војната што трае повеќе од пет недели.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно потврди дека се согласил на двонеделно примирје со Иран, помалку од два часа пред истекот на рокот што му го постави на Техеран - повторно да ја отвори Ормуската Теснина или да се соочи со разорни напади врз цивилната инфраструктура.

Иранскиот Врховен совет за национална безбедност го претстави тој потег на Трамп како победа над САД тврдејќи дека американскиот претседател ги прифатил иранските услови за прекин на непријателствата.

Трамп, кој во последните недели често изнесуваше закани, па потоа се повлекуваше од нив, изјави дека напредокот во преговорите ја поттикнал одлуката за примирје. Додаде дека Иран предложил план од десет точки, кој претставува „изводлива основа“ за натамошни преговори и дека очекува конечен договор во рок од две недели. аб/сд

фото/МИА архива

Остани поврзан