Иран бара да им биде забранет настап на израелските олимпијци
- Иран денеска побара забрана за настап на израелски спортисти од Олимпијадата во Париз, поради војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Газа, се вели во официјалното соопштение на властите во Техеран.
Техеран, 23 јули 2024 (МИА) – Иран денеска побара забрана за настап на израелски спортисти од Олимпијадата во Париз, поради војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Газа, се вели во официјалното соопштение на властите во Техеран.
Израелските спортисти „не заслужуваат да бидат присутни на Олимпијадата во Париз поради војната против невините луѓе во Газа“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи на социјалната мрежа Икс.
Исламската Република не го признава Израел, неговиот голем непријател и забранува секаков контакт меѓу иранските и израелските спортисти.
„Најавите за прием и заштита на делегацијата на ционистичкиот терористички режим на апартхејд значи само давање легитимитет на убијците на деца“, се додава во иранскиот текст користејќи го хаштагот #BanIsraelFromOlympics („Забрани го Израел од Олимпијадата“).
Францускиот министер за надворешни работи во понеделникот објави дека израелската олимписка делегација е „добредојдена во Франција“ и дека заштитата на спортистите ќе ја обезбеди елитната единица на националната жандармерија.
Олимписките игри во Париз ќе бидат отворени в петок и ќе траат до 11 август. ег ФОТО: Икс