Иранската група „Татковинска правда“ ја хакираше целосната комуникација на албанскиот парламент
- „Ние сме многу поблиску до вас отколку што мислите. Дали навистина ги засолнивте тие убијци на деца? Ќе се погрижиме овој срам да остане со вас засекогаш“, се вели во објавата на Телеграм на иранската група „Татковинска правда“.
Тирана, 10 март 2026 (МИА) – Иранската хакерска група „Татковинска правда“ ја хакираше целосната комуникација на албанскиот парламент.
Во пораката се наведува дека „сите разговори и преписки на корумпираните членови на парламентот во текот на изминатите неколку месеци се во рацете на групата“.
„Ние сме многу поблиску до вас отколку што мислите. Дали навистина ги засолнивте тие убијци на деца? Ќе се погрижиме овој срам да остане со вас засекогаш“, се вели во објавата на Телеграм на иранската група „Татковинска правда“.
Албанија на почетокот на септември 2022 година ги прекина дипломатските односи со Иран, откако го обвини Техеран дека во текот на летото истата година, извршил масовен кибернапад врз државни институции на земја.
- Длабинската истрага ни обезбеди неоспорни докази дека кибернападите врз нашата земја биле организирани и спонзорирани од Иран, изјави тогаш премиерот Еди Рама.
На почетокот на овој месец беше објавена вест дека иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) ја разгледува можноста за напад врз кампот на муџахедините (МЕК) во Албанија.
По објавувањето на веста, реагираше нивниот портпарол, Шахријар Киа, отфрлајќи ја можноста за напад врз Албанија додавајќи дека „новинските извештаи се пропаганда оркестрирана од иранскиот режим“. Според него дури и од техничка гледна точка, невозможно е ракетите лансирани од Иран да стигнат до Албанија.
Во комплексот Ашраф-3, што се наоѓа во селото Манза, во близина на Драч, од 2013 година сместени се над 3.000 членови на МЕК.
Премиерот Рама вчера ги коментираше најновите случувања на Блискиот Исток, нагласувајќи дека Албанија, како членка на НАТО, останува безбедна. вт/ми/